Пецаков и шведскиот амбасадор Солстром разговараа за еколошки проекти и развој на туризмот
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во земјава, Н.Е. Ола Солстром, на која се разговараше за тековните еколошки проекти и можностите за унапредување на туристичката соработка.
Како што информираат од Општина Охрид, еден од клучните сегменти на соработката е проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, кој се реализира во партнерство со „Салар Интернационал“, организација во рамки на Шведската асоцијација на локални власти и региони.

Во делот на туризмот, на средбата биле разгледани конкретни иницијативи за привлекување туристи од Шведска, со посебен акцент на организирање промотивни активности за Охрид на шведскиот пазар. Целта е да се претстават културното наследство и природните вредности на градот, како и да се воспостават нови форми на соработка.
На средбата било истакнато дека Охрид останува отворен град за меѓународна соработка, при што локалната самоуправа е фокусирана на обезбедување долгорочен развој во интерес на граѓаните.
Амбасадорот Солстром и градоначалникот Пецаков ја потврдиле заложбата за натамошно зајакнување на меѓусебните односи и реализација на нови заеднички иницијативи во наредниот период, информираат од Општина Охрид.


