Децата сè помалку читаат, а уште помалку го разбираат прочитаното
Децата денес читаат сè помалку, а уште позагрижувачки е што голем дел од нив не го разбираат прочитаното. Ова беше истакнато на советувањето „Читањето во ерата на екраните – битка меѓу алгоритмите и книгата“, што се одржа во Охрид по повод осум децении од објавувањето на првиот буквар на стандарден македонски јазик. Организаторите и учесниците посочија дека потребни се нови пристапи за поттикнување на читачките навики кај најмладите.

„Нашата установа стои цврсто на браникот на книгата и јазикот. Имаме бројни проекти кои длабоко задираат и на еден посуптилен начин се впуштаат во сржта на образованието и уметноста. Сè околу нас брзо се менува. Така и ние преку овие форми на комуникации ги прошируваме сопствените знаења, а потоа ги пренесуваме кон другите“, изјави директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска.
Преку проекти како „Читаме и гласно раскажуваме“, охридската библиотека се обидува да им помогне на децата кои имаат потешкотии со читањето, особено во најраните одделенија. Токму во раната стимулација и современите пристапи на работа е клучот, велат експертите.

„Колку е детето помало, толку е поважно да му чита возрасниот, да му чита на глас, да му чита експресивно, да го внесе детето во приказната. Тоа е едната страна, а другата страна е дека на модерното на современото дете мора да му понудиме интерактивна приказна во која што детето ќе парципира во приказната еден дел во приказната, каде што ќе треба да доцрта, да дообјасни, да препознае, да преброи и веќе детето да стане активен член од дадената приказна“, вели Ксенија Маказлиева Трајчева.
Писателкта аза деца и уредник на Проветно дело, Ксенија Маказлиева Трајчева посочува дека мотивацијата кај децата зависи и од пристапот на наставниците и од изборот на литература, но и од примерот што го даваат возрасните.
„Секогаш имало деца што повеќе читаат и деца што помалку читаат и деца што речиси ги читаат само лектирите и лектирите. Некои од нив не ги читаат. Меѓутоа, не е проблемот во децата, проблемот е во нас возрасните како ние да ги мотивираме, како да им го покажеме патот по кој што треба да тргнат, ако не друго, да ги прочитаат барем лектирите“, додава Маказлиева Трајчева.
Сепак, наставниците на терен предупредуваат дека состојбата е загрижувачка.
„Мислам дека сме свесни сите дека децата не ни читаат. Ретки се тие деца што читат. Како да ги мотивираме? Мислам дека сè уште сите бараме начини. Некое дете ќе го мотивираме на еден начин, некое на друго. Меѓутоа, општо земено, кај нас ми се чини дигитализацијата што почнува од мали нозе прави проблем. Кога дете од три години е на телефон, на шест години веќе нема да чита. “, вели Емилија Блажеска, наставник по Македонски јазик во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец.

Дигитализацијата, мобилните уреди, социјалните мрежи значително ја намалуваат способноста на децата за концентрација и внимание, што директно влијае врз нивната способност за читање, вели наставничката Емилија Блажеска. Дополнителен проблем е што учениците и кога читаат, често не разбираат што читаат, велат просветните работници.
„Ние не само тоа што имаме проблем воопшто да се чита текст, бидејќи веќе никој не чита. Имаме проблем и со разбирање на текстот. Пример кога работиме на часот, децата читаат механички, дури и не се слушаат самите себеси, не разбираат што читаат, така што едни основни нормални прашања да поставиш каде што ќе се репродуцира, што се случило во еден текст не знаат да ги одговорат. Значи речник немаат, не разбираат што читаат, а нема волја за читање, така што мислам дека ова е проблем и болест веќе на нашето образование.“ – вели Мери Крстевска, наставник сум во ОУ „Св. Климент Охридски“ Охрид.

Дополнително, како проблем се посочува и несоодветноста на дел од наставните програми со возраста на учениците.
„Децата не се созреани, способни значи да ги разберат, ги учат за тестот колку да треба да ги поминат и после тоа не знам ништо. Значи тоа е. Вие му давате на дете впечаток дека тоа не е способно и дека тоа не е добар ученик, а не е тоа негова грешка“, додава Крстевска.
„Значи, во шесто одделение дури и тие што се најдобри ученици не читаат баш многу течно, а многу поголем проблем е колку разбираат. Значи, тоа ни е главен проблем, иако мислам дека малку треба да поработиме и на тоа какви текстови ни се во учебниците“, додава Блажеска.
Без заеднички ангажман на родителите, наставниците и институциите, тешко дека може да се надмине овој предизвик е заклучокот од советувањата кои ги организира Педагошкиот факултет при УКИМ Скопје во соработка со здруженијата на просветни работници, библиотеки и издавачки куќи.



