Охрид SOS: Локалитетот „Мауцкер“ е претворен во дива депонија, институциите не реагираат
Граѓанската иницијатива Охрид SOS обвинува дека локалитетот „Мауцкер“, наместо да биде дел од природното и културното наследство на Охридскиот регион, е претворен во нестандардна депонија, додека институциите со години не преземаат конкретни мерки за решавање на проблемот.
Во реакција испратена до медиумите, од Охрид SOS велат дека и покрај бројните апели, дописи и јавни реакции, состојбата на теренот секојдневно се влошува.
Според нив, на локалитетот нелегално се депонира различен вид отпад, меѓу кој опасен отпад, градежен шут, пластика, стар мебел, па дури и мртви животни.
– И покрај големиот број наши реакции, барања до релевантни институции, и покрај повеќе објави и соопштенија споделени со македонските медиуми, и покрај сите препораки на УНЕСКО, никој нема волја да се справи со овој рид од ѓубре кој секојдневно расте и се шири, велат од Охрид SOS.


Од иницијативата оценуваат дека состојбата претставува сериозна опасност за животната средина и здравјето на граѓаните, особено поради загадувањето на воздухот, почвата и подземните води.
Тие потсетуваат дека во препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, ИКОМОС и ИУЦН од 2024 година, како и во претходниот извештај од 2020 година, било побарано затворање на сите нерегуларни депонии во Охридскиот регион, меѓу кои и „Мауцкер“, „Буково“ и струшката депонија, како и санација на загадените подрачја.


Според Охрид SOS, и покрај тоа што институциите добиле дополнителен рок до 2027 година за исполнување на препораките, досегашната состојба не остава многу простор за оптимизам.
– Иако ова треба да биде прашање од најголема итност, односот на институциите го покажува спротивното. Постојаното одолговлекување веќе станува алармантно. Никој не презема одговорност нити чувствува каква било грижа на совест, стои во реакцијата.
Од граѓанската иницијатива додаваат дека дивите депонии се „колективен пораз и огледало на односот кон животната средина“, а последиците, како што наведуваат, ги чувствуваат и граѓаните и живиот свет во регионот.




