Skip to main content

Водостојот на Преспанско езеро порасна за метар и половина

Добрата хидролошка состојба оваа пролет најмногу се поврзува со обилните дождови и зголемените дотечни води, кои привремено го стабилизираа езерскиот систем.
 |  инфодеск  | 

По долг период на алармантно повлекување на водата и постојани предупредувања за еколошка катастрофа, Преспанското Езеро конечно бележи промена на подобро. Најновите хидролошки мерења покажуваат дека водното ниво во последните шест месеци пораснало за приближно еден и пол метар: податок што кај жителите на регионот, стручната јавност и надлежните институции повторно буди внимателен оптимизам.

Од Општина Ресен велат дека за првпат по подолг период е прекинат континуираниот негативен тренд на опаѓање на езерото. Според нивните проценки, ако следуваат уште две хидролошки поволни години со стабилни врнежи и добра снежна покривка, езерото би можело делумно да се доближи до состојбата забележана на почетокот од овој век.

Оваа промена најмногу се припишува на интензивните пролетни врнежи и зголемениот доток на вода од сливното подрачје, кои привремено го стабилизираа чувствителниот езерски систем. Сепак, научниците нагласуваат дека ова е само краткорочно олеснување, а не трајно решение.

Инаку, според анализите, во последните шест децении езерото изгубило околу 60 проценти од својот волумен вода – последица на климатските промени, намалените снежни врнежи, сушите, прекумерното користење на водата за наводнување и природното понирање кон Охридското Езеро преку карстниот релјеф.