Црвен крст Охрид со низа активности го одбележа Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина
Со положување свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан кај седиштето на Црвен крст Охрид, денеска беше одбележан 8 Мај – Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Делегации на Црвен крст Охрид и Општина Охрид оддадоа почит на основоположникот на најголемото светско хуманитарно движење, Анри Динан, кој е роден пред 198 години на денешен ден.

Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, порача дека хуманоста останува темел на организацијата во време на бројни предизвици.
„Хуманоста не познава граници, нити временски услови, нити временски непогоди. Тука сме овде денеска да оддадеме почит, да го одбележиме Светскиот ден на Црвениот крст, осми мај, кога 1828 год на 8 мај е роден големиот хуманист и основоположник на идејата на Црвениот крст, Анри Динан. Овде пред бистата единствената во Македонија, биста на Анри Динан пред седиштето на Црвен крст Охрид, се собравме волонтери со поддршка и со почит од страна на претставници од локалната самоуправа.“ – изјави Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.


Точков истакна дека волонтерите се најголемата сила на организацијата и носители на сите хуманитарни активности што се реализираат во заедницата.
„Црвен крст, движењето на Црвениот крст е најголемото хуманитарно движење. Движење коешто се потпира на волонтери. Она што е најголема вредност за човештвото, за општеството, волонтерите кои го посветуваат своето време, своите вештини и знаења за да придонесат за развој на заедницата, односно на општеството. И ние токму така се ослануваме и се потпираме на волонтерите. Тие се нашиот најголем столб и темел на нашето дејствување. Сето тоа е поврзано и со локалните институции, државните, владините, невладините организации, особено со поддршката од локалната самоуправа. Живееме во турбулентни времиња, времиња во коишто има огромни предизвици и навистина се обидуваме да се организираме, да ги надминеме тие предизвици и да придонесеме за што подобар економски и секаков морален етички живот на заедницата, особено кај младите.“ – кажа Точков.
Периодот од 8 до 15 мај традиционално се одбележува како Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина во кој охридскиот Црвен крст се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната федерација под мотото „Хуманоста обединува“.
Во рамки на одбележувањето веќе беше реализирана крводарителска акција, а во текот на денешниот ден во седиштето на организацијата се одржа и отворен инфо ден за деца од предучилишните установи и ученици од основните училишта од Охрид и Дебрца.
До 15 мај ќе се реализираат и хуманитарни акции за помош на социјално загрозени семејства, активности за промоција на хуманоста, солидарноста и волонтерството, како и едукативни работилници за ширење на знаењата за Црвениот крст.


