Утре „Лектирата не е баук“ во НУ Библиотека „Григор Прличев“
НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, во соработка со Лајонс клубот ДЕНИЦА, утре, вторник 12 мај, со почеток во 11 часот, ќе го организира креативниот настан „Лектирата не е баук“, посветен на поттикнување на љубовта кон читањето и литературата кај младите.
Настанот е инспириран од книгата „Читањето не е баук“, промовирана минатата година на Американскиот универзитет на Европа – ФОН во Скопје. Авторки на изданието се Љубица Кардалеска-Радојкова, Татјана Срцева-Павловска, Габриела Неделкоска, Сандра Серафимовска и Ана Арсовска.
Книгата претставува опсежна студија која произлегува од претходно објавениот прирачник „Лектирата не е баук“, а се занимава со значењето на лектирата во време на дигитализација и вештачка интелигенција, како и со предизвиците и навиките на младите читатели.
Модератор и креатор на утрешниот настан е доцент д-р Габриела Неделкоска. Во рамки на активноста, ученици од трета година од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, заедно со професорката по македонски јазик и литература Марија Стрезовска, ќе ја обработуваат лектирата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле.
Настанот е дел од проектот „За поубав свет“, кој е вклучен во Годишната програма за работа на Библиотеката, а е поддржан од Министерството за култура и туризам.


