Skip to main content

ПСС Охрид со апел, пред туристичката сезона, за внимателно и одговорно однесување на планина

Расте бројот на несреќи на планина, а спасувањето сè уште не е системски регулирано.
 |  инфодеск  | 

Во пресрет на официјалниот старт на летната туристичка сезона, од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид апелираат посетителите на планинските подрачја да бидат особено внимателни. Велат дека бројот на интервенции постојано расте, особено кај авантуристичките активности како планински велосипедизам, параглајдинг и оф-роуд возење.

Изгубени и дезориентирани лица, падови и повреди на тешко достапни терени се меѓу најчестите интервенции на спасителите.


„Имавме многу, десетици интервенции. Посериозни несреќи беа три или четири. Имавме и една параглајдерска несреќа во текот на зимата, за среќа без повреди, меѓутоа беше нужна евакуација на човекот кој беше слетан далеку. Имавме 35 интервенции. Така што, бројот на несреќи апсолутно ќе расте”, вели Антонио Додевски од ПСС Охрид.

Од службата посочуваат дека и покрај обучените волонтери и искуството кое го имаат, државата сè уште нема системски уредено планинско спасување. Треба да се следи примерот на Словенија и Хрватска каде службите се дел од националниот систем.


„Од целата оваа група од седум држави, ние заостануваме и сме на последно место. Заостануваме по легислативата. Кај нас во државата, апсолутно, планинското спасување не е регулирано. Заостануваме и по поддршката што ја добиваме од државните институции. Станува збор за повеќе од 250 волонтери подготвени да делуваат и да помогнат, а ние немаме елементарна опрема за нив”, додава Додевски.

Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид постои 24 години и покрива територија на повеќе општини во охридско-струшкиот регион. Спасителите велат дека со растот на туризмот и посетеноста на планинските подрачја, неопходна е поголема институционална и финансиска поддршка за службите за спасување.