Гастрономско доживување во Охрид со Шеф Филип Ондрушек
Во организација на Slow Food Ohrid, со поддршка од Одделението за култура при Општина Охрид, градот Охрид ќе биде домаќин на четиридневна програма посветена на современата и одржлива гастрономија, во чиј фокус се локалните производи, традицијата и одговорниот однос кон храната.
Во Охрид пристигнува реномираниот шеф Filip Ondrushek, кој заедно со локалните партнери ќе реализира серија едукативни и кулинарски активности насочени кон промоција на одржливи практики во гастрономијата.
Во рамки на програмата е предвидена посета на охридскиот зелен пазар, каде учесниците ќе имаат можност да се запознаат со сезонски производи, локални сирења и свежа риба директно од производителите. Настанот има за цел да ја нагласи важноста на кратките синџири на снабдување и директната соработка со локалните земјоделци и рибари.

Едукативниот дел од програмата ќе се одржи на Факултет за туризам и угостителство – Охрид, каде ќе се дискутира за концептот Zero-Waste менаџмент и улогата на локалните намирници во современата висока кујна.
Дополнително, во амбиентот на Winery Manastir ќе се одржи панел-дискусија посветена на одржливото управување во угостителството и развојот на локални и регионални синџири на снабдување.
Завршницата на настанот ќе биде свечена гала вечера во Бавча Канео, каде ќе биде претставено дегустациско мени инспирирано од охридската пастрмка, локалниот мед и македонските вина.
Организаторите истакнуваат дека овој настан претставува заедничка мисија за зачувување и современа интерпретација на македонското кулинарско наследство, како и негово позиционирање на пошироката гастрономска мапа.
Настаните се реализираат со поддршка од Општина Охрид.


