Skip to main content

Карпа се одрони кај влезот во Радожда, жителите стравуваат од нови одрони

Огромна карпа се одрони на влезот на туристичкото село Радожда, при што за малку беше избегната поголема трагедија. Инцидентот се случи на една од најфреквентните патни делници кон селото, каде секојдневно минуваат десетици возила, за среќа нема повредени, но жителите предупредуваат дека опасноста не е завршена. Институциите на терен, а месната заедница бара итни анализи и трајно решение за стабилноста на карпите над патот..
 |  инфодеск  | 

Во  струшкото село Радожда беше избегната поголема трагедија, откако огромна карпа тешка десетина тони,  вчера попладне   се одрони на самиот влез од селото и заврши на регионалниот пат.Само среќата спречи катастрофа на една од најфреквентните делници кон Радожда, по која секојдневно минуваат десетици возила, туристи и жители. Нема повредени лица и оштетени куќи, но патот претрпе сериозни оштетувања.

 Веднаш по инцидентот на терен интервенирале екипи на ЈП „Македонија пат” и Центарот за управување со кризи.


„Можеше вчера да настрадаат луѓе, затоа што беше паднато на самиот пат. Да имаше поголема фреквенција на патот, не знам што ќе се случеше. И во секој момент може да се случат исти случаи, но не знам дали треба да се чека да се случи нешто, па државата да преземе нешто”, вели Михајло Солакоски, жител на Радожда.

Жителите велат дека стравот е огромен, бидејќи одроните во овој предел не се реткост. Според нив, прашање на време е кога може да се случи нов инцидент со трагични последици.


„На голема среќа, и наша и на жителите, после вчерашниот инцидент немаме жртви, така да речам, бидејќи на само три метри од карпата што вчера се одрони, имаше жители од селото Радожда со мали деца, кои во тој момент требаше да поминат таму”, вели Александар Јаулоски, претседател на МЗ Радожда.

Месната заедница бара итна реакција од надлежните институции. Апелираат стручни тимови и експерти од Градежниот факултет да извршат анализа на терен и да ја испитаат стабилноста на карпите над патот, со цел да се спречи можна трагедија.


„За малку вчера, околу 6 часот, паднаа 13–15 тони камења на улицата тука. Да поминеше некој, 100% ќе го прегазеа”, вели Петко Ставроски, жител на Радожда.

Дел од жителите сметаат дека проблемот со години се игнорира, но предупредуваат дека одговорност има и кај несовесното градење и прекумерната урбанизација.


„Не е само во прашање негрижата на државата во досегашниот период, туку постои и негрижата кај самите жители. Односно, алчноста е да се искористи сè што може да се искористи. Мора да признаеме дека сакаме секоја педа да ја искористиме и да ја изградиме”, вели Петар Кутаноски, жител на Радожда.

Ова не е прв одрон во Радожда, пред пет години одрон на карпа оштети повеќе  куќи и плевни.