Горивата на Балканот се со ист квалитет како европските

Квалитетот на горивата, контролите и усогласувањето со европските стандарди во фокусот на јубилејниот симпозиум на лабораториите од нафтената индустрија во регионот. Од Министерството за енергетика најавија засилен надзор, модернизација на правилниците и поефикасен мониторинг на пазарот на горива.

Важна пресвртница е донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој поставува посилна правна рамка за пазарен надзор и овозможува поефикасно следење и контрола на квалитетот на горивата.
„Квалитетот на горивата е прашање на доверба кај граѓаните, фер пазарна конкуренција, заштита на животната средина и сигурност за потрошувачите. Затоа е важно, како што се менува енергетскиот сектор, да се развиваат и нашите регулаторни и мониторинг механизми, секогаш водени од безбедноста, транспарентноста и интересот на граѓаните”, вели Сања Лукаревска, министерка за енергетика.

Според експертите, на Балканот има ист квалитет на горивата, бидејќи најголем дел од нив се увезуваат од европските земји.
„Високите стандарди на горивата зависат од контролите, работата на лабораториите и транспарентноста на процедурите. Токму затоа вложуваме сериозни напори да ги следиме европските стандарди и да ги подобруваме капацитетите на лабораториите за надзор и контрола”, вели Димитриос Пасхос, извршен директор на ОКТА.
„Нашите горива се со европски квалитет. ЕУ прописите налагаат горивото редовно да се контролира, да се спроведува мониторинг на бензинските пумпи и да се проверува усогласеноста на резервите што се увезуваат, така што горивото континуирано се контролира и се маркира”, изјави Даниела Јовиќ од лабораторија во Србија.

Новиот Закон за енергетика, според надлежните, обезбедува повисоки стандарди, поголема заштита на потрошувачите и поквалитетни горива на домашниот пазар.
Новинар: Соња Рилковска







