Асфалтиран патот до село Завој

Охрид продолжува со реализација на инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на условите за живот во руралните средини. Целосно е асфалтиран патот кој од магистралниот пат води до селото Завој, со што жителите добиваат побезбедна и поквалитетна патна врска со градот и околните населени места.
Од локалната самоуправа информираат дека развојот на патната мрежа останува еден од главните приоритети, со цел рамномерен развој на целата територија на општината.

„Секое населено место заслужува модерни и безбедни патишта. Со ваквите инвестиции ги поврзуваме сите населени места, го олеснуваме секојдневието на граѓаните и создаваме услови за локален економски и туристички развој. Охрид се менува на подобро, секојдневно“, посочува градоначалникот Кирил Пецаков.
Асфалтирањето на патот до Завој е дел од пошироката стратегија за реализација на капитални проекти кои треба да придонесат за подобра инфраструктура, поголема безбедност во сообраќајот и подобри услови за развој на туризмот и локалната економија.







