Skip to main content

По повод пензионирањето, охридскиот новинар Сашо Нелоски, доби благодарница од градоначалникот Пецаков

Нелоски на 2 мај го одбележа својот 64-ти роденден, а воедно и официјално стави крај на богатата новинарска кариера, која ја помина верен на тогашната Радио-телевизија Скопје, денешен јавен сервис МРТВ.
 |  Маја Савиќ  | 

Познатиот охридски и македонски новинар Сашо Нелоски заминува во пензија по речиси четири децении професионална работа во македонското новинарство. По тој повод, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, му додели благодарница за долгогодишниот придонес во новинарството и афирмацијата на Охрид.

„Сашо не беше само новинар. Тој низ децениите стана автентичен хроничар на нашиот Охрид. Преку неговите текстови и извештаи се афирмираа охридските вредности, култура и традиција, Охрид достоинствено беше претставуван како духовен и туристички бисер и можеби и најважното е што вистината се чуваше како патоказ за идните генерации. Му благодариме што со гордост го носеше гласот на Охрид во етерот“, истакна Пецаков.

Градоначалникот му посака исполнети пензионерски денови со истата љубопитност и жар за пишаниот збор.

Нелоски на 2 мај го одбележа својот 64-ти роденден, а воедно и официјално стави крај на богатата новинарска кариера, која ја помина верен на тогашната Радио-телевизија Скопје, денешен јавен сервис МРТВ.

Неговите новинарски почетоци датираат од 1986 година, кога го напишал својот прв текст, а зад себе остава импресивна бројка од над 14.000 текстови, прилози и репортажи кои оставија значаен белег во медиумскиот простор. Во охридската медиумска заедница, Нелоски важи за едно од најпочитуваните и најобјективни новинарски пера, респектиран и од колегите и од соговорниците.