Општина Струга ги обележа јавните површини за поставување урбана опрема пред туристичката сезона

Во пресрет на туристичката сезона, Општина Струга спроведе акција за обележување на јавните површини што ги користат локалните бизниси, со цел подобро уредување и почитување на јавниот простор.
Акцијата е реализирана на двете страни на реката Црн Дрим, како и на централното градско шеталиште „Корзо“, односно на сите јавни површини каде се поставува урбана опрема.


Од Општина Струга информираат дека обележувањето е извршено согласно проектот и претходно поднесените апликации од страна на засегнатите бизниси, со цел да се обезбеди ред и почитување на просторот во текот на летната сезона.
Ги повикуваат локалните бизниси да покажат разбирање и соработка во врска со оваа иницијатива, воедно, локалната самоуправа апелира и до граѓаните активно да придонесат во зачувувањето на јавниот ред.
„Сите граѓани кои ќе забележат неправилности во однос на користењето и почитувањето на јавните површини, истите да ги пријават во Општина Струга, кај надлежните инспектори“, велат од Општината.



Со оваа активност, Општина Струга има за цел да обезбеди поуреден и пофункционален јавен простор за граѓаните, туристите и угостителските објекти во текот на претстојната туристичка сезона.







