Започнува највозбудливиот гастрономски настан годинава во Охрид со кулинарскиот виртуоз, Шеф Филип Ондрушек

Од денес Охрид ќе биде домаќин на еден од највозбудливите гастрономски настани годинава. Во организација на мрежата на Слоу Фуд (Slow Food) во Македонија, во градот пристигнува светскиот патник и кулинарски виртуоз, Шеф Филип Ондрушек.
Ондрушек, кој во својата богата кариера готвел во престижни ресторани со Michelin ѕвезди и подготвувал специјалитети за кралски семејства, денес е предводник на движењето за одржлива гастрономија. Неговата посета на Македонија е посветена на откривањето на автентичните македонски производи и промоција на концептот „Zero-Waste” (кујна без отпад).
За време на престојот во Охрид, Ондрушек ќе го посети зелениот пазар во Охрид, каде ќе се запознае со локалните производители и автохтоните намирници, а на на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, ќе одржи мастерклас каде студентите и професионалците ќе имаат уникатна можност да учат за современите техники на готвење и одржливоста во угостителството.
Во Винаријата „Манастир” ќе се одржи панел дискусија за иднината на зеленото угостителство и потенцијалот на македонската гастрономија.
Како круна на престојот, во ресторанот „Кај Каневче” (Bavča Kaneo), Шеф Филип ќе подготви ексклузивно мени инспирирано токму од охридските и македонските вкусови.
„Иднината на кујната е во балансот помеѓу традицијата и иновацијата. Македонија има неверојатно богатство од вкусови кои заслужуваат да бидат претставени на светската сцена,” вели Ондрушек.
Настанот е поддржан од Секторот за култура при Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство, како и бројни локални партнери кои веруваат во моќта на локалната храна и одржливиот развој.
Организаторите ги покануваат сите љубители на добрата храна и професионалци од секторот да го следат ова гастрономско патување кое го слави најдоброто од нашата земја. За повеќе информации за овој екслузивен настан е задолжена Проф. д-р Ангела Паскуале.







