Расте потребата од згрижување на стари пациенти на кои им е потребна 24 часовна нега

Во Охридската болница нема посебно одделение за палијативна нега, а пациентите со најтешки дијагнози се згрижуваат на Интерното одделение. Сè почести се и потребите за ваков тип грижа, особено поради недостигот на дом за стари лица во регионот. Здравствените работници се соочуваат со зголемен обем на работа и ограничени капацитети.
Грижата ја презема персоналот на Интерното одделение, каде се спроведува симптоматска терапија и основна здравствена нега.

„Болницата не располага со посебен оддел и посебен тим за палијативна нега, така што грижата за пациентите ја обезбедуваат вработените во Интерното одделение. Пациентите ги сместуваме на Интерното одделение и тука им се пружа потребната нега и третман. Во последно време се зголемува потребата од палијативна нега и пред сè се пружа симптоматска терапија, кислородна поддршка, контрола на болка, исхрана и хигиена на болните.“ – вели доктор Лилјана Ангелеска од Интерното одделение.

Проблемот дополнително се продлабочува со недостигот на институции за долгорочна грижа, како и фактот што во Охридскиот регион сè уште нема дом за стари лица. Тоа, според медицинскиот персонал, создава дополнителен притисок врз болничките капацитети.
„Во моментов имаме доволно персонал, значи пациентите се згрижени и им се пружа нега, симптоматска терапија, кислородна поддршка, исхрана и хигиенска грижа, сè што можеме да им обезбедиме. Се случува пациентите да се задржат подолго време, но не со месеци. Потоа семејствата ги преземаат или ги носат на друго место, бидејќи овде има и други пациенти. Најголем проблем е што нема дом за стари лица, дел од семејствата се грижат дома, дел ангажираат негователи, а некои се принудени да ги носат во други градови каде има такви установи.“– вели д-р Ангелеска.

Во вакви услови, геријатриското одделение останува еден од клучните сегменти за згрижување на повозрасните пациенти, на кои им е потребна подолготрајна нега. Но и таму има само 25 кревети, здравствените работници предупредуваат дека реалните потреби се значително поголеми од постојните капацитети.







