Прогласена „Република Танушевци“
Угледниот британски весник „Фајненшл тајмс“ објави текст во кој поранешниот командант на ОНА, Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, тврди дека прогласил „Република Танушевци“, додека македонските власти ова го оценуваат како несериозно, тврдејќи дека станува збор за желба за публицитет.
Во планинскиот регион каде Македонија се граничи со Косово, командант Хоџа прогласил „Република Танушевци“, тврди самиот тој во изјава за весникот „Фајненшл тајмс“.
Во текстот што овој угледен лондонски весник, го објави вчера попладне, Хоџа тврди дека неговите луѓе пукале на полициски хеликоптер пред две недели. Тој додава дека имаат поставено тешко вооружување на влезната врата на локалното училиште во Танушевци, кое наводно им служи како канцеларија.
„Македонската држава ни носи само неволја“, изјави Џезаир Шаќири, ветеран на поранешната ОНА и поранешен пратеник, познат по своите националистички и антимакедонски ставови.
„МВР ниту коментира, ниту ќе коментира изјави од лица кои се подготвени да кажат се и сешто само за да добијат медиумско внимание“, изјави Иво Котевски.
Македонската полиција во пограничниот реон кај Косово во три одделни акции, кај Блаце, Радуша и тетовско, заплени големо количество оружје кое криминални групи се обидоа да го прошверцуваат.
{loadposition content9}