Охридските матуранти со свечена парада го одбележаа крајот на средношколските денови

Со звуците на Штраусовата опера „Лилјакот“ и насмевки на лицата, охридските матуранти денеска свечено заокружија едно од најубавите поглавја од својот живот. На градскиот плоштад околу 350 момчиња и девојки од охридските средни училишта го заиграа традиционалниот Квадрил, симболично зачекорувајќи кон новите животни предизвици и идни соништа.


Пораката до генерацијата годинава ја испрати Елена Стојоска, матурантка од охридската гимназија, која во своето обраќање истакна дека матурската парада претставува симбол на заедништвото, зрелоста и вербата во иднината. Стоиме сите гордо со поглед кон иднината, но и со благодарност кон секој еден што не доведе до овој момент, рече Стојоска.

„Нека оваа парада биде симбол на нашата зрелост, слобода и одлучност, нека биде потсетник дека сме најсилни кога сме заедно. Како што денеска чекориме во ист ритам, така да чекориме и низ животот со искрени насмевки, достоинство и срца полни надеж. Нашата младост денеска зборува погласно од се. Нека оваа енергија, оваа убавина, и оваа радост, одекнат далеку како порака дека ние младите знаеме да создаваме, да сакаме и да го направиме светот поубав.“ – им порача на своите врсници Стојоска.


На матурантите им се обрати и претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, кој порача дека завршувањето на средното образование е само почеток на новите предизвици и можности. Колку ќе ги раширите крилјата кои ние ви ги дадовме преку образованиот процес, колку и каде ќе слетате зависи само од вас и никој друг“, истакна Божиновски. Тој им порача на младите дека најважно е пред сè да станат добри луѓе, чесни и достоинствени.

„Летајте високо, бидете вредни, вложувајте се себе си и не се откажувајте од целта. Упорните и трудољубивите секогаш сигнуваат до неа. Деца наши, бевте генерација за пофалба, вредни, одговорни и послушни. Се надевам дека подготвени и самоуврени ќе зачекорите кон патеките кои водат кон високото образование, професионалните ангажмани и нови работни места. Здрави и среќни, со високо крената глава, успешно патувајте низ животот.“-рече Божиновски.

Матурантите упатија и голема благодарност до професорката Катерина Стојаноска, која ја подготвуваше годинашната парада. Инаку, традицијата на Матурската парада започна во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка“ во Љубљана. Денес, оваа манифестација претставува симбол на младоста, заедништвото и новите почетоци за илјадници матуранти низ регионот.












