Германската амбасадорка Дрекслер во посета на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер, и директорката на Делегацијата на германското стопанство, Антје Ванделт, остварија работна посета на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид, при што беше истакната успешната примена на дуалното образование и долгогодишната соработка со Германија.

На средбата се разговараше за досегашните резултати од спроведувањето на дуалното образование според германски стандарди во образовните профили „Техничар за индустриска мехатроника“ и „Техничар за производно машинство“, како и за реализацијата на практичната настава во компаниите-партнери.
Гостите имаа можност да ги посетат кабинетите реализирани преку GIZ проектот пред 26 години, кои и денес се во одлична состојба и опремени со современа дидактичка опрема за електротехничка струка. Во рамки на посетата беше разгледана и реновираната училишна работилница.

Учениците презентираа практична примена на „Hydraulic and Pneumatic Training Set“, како и работа со мерна опрема и микроконтролери обезбедени преку грант поддржан од RCF фондот и KFW банката од Сојузна Република Германија.
На средбата беше истакнато и учеството на Центарот во програмата „RYCO Superschools“, кофинансирана од GIZ – Германското друштво за меѓународна соработка. Преку програмата досега се реализирани два значајни регионални проекти насочени кон зајакнување на меѓукултурната соработка, пријателството и размената на знаења меѓу младите.

Особено беше нагласен вториот проект, кој ја доби престижната награда „Best Practice“ како пример за успешна и квалитетна соработка, меѓу вкупно 60 реализирани RYCO проекти од регионот.
Од Центарот потенцираат дека поддршката од Сојузна Република Германија е од големо значење и дека соработката ќе продолжи и во идните проекти и активности.






