Skip to main content

Охрид подготвен за најголемиот Ohrid Ultra-Trail досега, стартуваат трките „меѓу облаците и езерото“

Охрид повторно ќе пулсира со енергија и адреналин кои со себе ги носи планинското трчање. Осмото издание на Охрид Ултра Треил донесува рекордни 920 тркачи од 40 држави од целиот свет. Спортско-рекреативниот спектакл започнува вечерва со стартот на кралицата на трките долга 105 км.
 |  Маја Савиќ  |  ,

Трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил започнува вечерва и носи рекорден број учесници, 920 тркачи од 40 држави од целиот свет. Интересот за настанот кој се одржува осма година по ред бележи значителен раст, потврдувајќи го Охрид Ултра-Треил како еден од најзначајните настани во планинско трчање во регионот.

Тркачите ќе настапат на патеките низ Националниот парк Галичица и крајбрежјето на Охридското Езеро, кои нудат уникатна комбинација од планински терен, технички предизвици и автентична природна убавина.

Организаторите очекуваат се да помине во најдобар ред, но се внимателни поради најавите за сложени временски услови на планината.

-Се надеваме дека ќе не послужат и условите на планината , малку времето е измешано. Лани имаше измена на патеката , но мислам дека годинава ќе се трча оригиналната патека, секако последниот извештај треба да го добиеме вечер пред стартот на 100км трка така што за сите трки кои утре ќе стартуваат и ќе се движат во високиот дел од планината ќе имаме извештај и ќе знаеме дали ќе се менуваат но засега ќе се оди според оригиналните рути, изјави за TVM , Александар Булески – директор на Охрид Ултра – Треил.

Љубителите на трчањето на планина ќе уживаат во пет трки во Охрид и Националниот парк Галичица,со различна должина и тежина, распоредени во два дена. Кралицата на трките во должина од 105 км стартува вечерва во 23ч, од плоштадот во Охрид, Галичица ултра долга 65 км стартува утре во 07 ч. од Св. Наум, од истата локација во 8:30 часот стартува 42 километарската Самотска, трката Летница 21км во 10:30 часот стартува од Велгошти од каде еден час подоцна ќе тргнат и учесниците пријавени за Рамне Треил во должина од 10K.


Меѓу пријавените има високорангирани натпреварувачи со меѓународно искуство и рекреативци кои ќе ги направат своите први чекори. Организаторите посочуваат дека безбедноста на учесниците останува еден од главните приоритети.

-Движењето во планина е екстремен спорт, а трчањето носи уште повеќе ризици. Ние се трудиме максимално да ја запазиме безбедноста на тркачите и тука би се заблагодарил до Планинската спасителна служба и Црвен Крст Охрид , секогаш се тука, без нив ова би било многу тешко изводливо, кажа Булески.

Повеќе од половина од учесниците годинава се странски државјани, а трките се бодуваат според правилата на ITRA – Интернационалната треил ранинг асоцијација. Организаторите очекуваат и годинава настанот да донесе силна спортска и туристичка промоција за Охрид и регионот.

-Како што се вика и самата наша трка „Меѓу облаци и езеро“ имаме уникатни пејзажи, морам тоа да го нагласам дека кога трчаат луѓето низ гребените на високиот дел уживаат во едни од најубавите глетки во Македонија и во регионот. Секој кој што бил во тие делови изразил задоволство и желба повторно да се врати. И самата тежина на трката и самата убавина и техничкиот дел , мислам дека се е погодено а тоа го кажуваат и самите тркачи и секоја година нивниот број е во пораст, посочи Булески.


Денеска во спортскиот комплекс „Климент Колески” во Охрид се одржа официјалното Expo отворање на Ohrid Ultra-Trail 2026, кое ги собра тркачите, партнерите, волонтерите и посетителите пред стартот на трките.