Во РЦСОО „Ванчо Питошески” по втор пат беше одбележан Денот на мултикултурата

Со богата програма, традиционални носии, рецитал и мултикултурна трпеза, во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески” по втор пат беше одбележан Денот на мултикултурата. Настанот ги обедини учениците, професорите, родителите и претставниците на локалната самоуправа околу заедничката идеја – дека различностите се богатство кое треба да се негува и почитува.
Во училиштето продефилираа ученици облечени во традиционални носии на Македонците, Турците, Албанците и Египќаните. Секоја носија носеше дел од културното наследство на заедницата од која потекнува, а сите заедно создадоа впечатлива слика за богатата мултикултурна традиција на Охрид.

Посебно внимание привлече мултикултурната софра подготвена од учениците и професорите. На неа беа изложени традиционални јадења и специјалитети од различни етнички заедници, како и пијалаци карактеристични за нивната традиција – салеп, чај, турско кафе, вино, коњак, ракија и сок од рози. Вкусовите и мирисите се надополнуваа меѓусебно, покажувајќи дека различностите можат да создадат една богата и единствена целина.
– Денеска подготвувавме храна од различни националности во нашата држава македонска, албанска, турска, грќка кујна. Ние како идни кувари мнјогу е важно да ги чуваме, негуваме, научиме и практилуваме сите традиционални јадења во Македонија, рече Мартин Славески ученик во РЦСОО Ванчо Питошески.
-Овие рецепти не се тешки за готвење а многу се важни бидејки доаѓаат од нашите баби и дедовци, а ние мора да ги практикуваме бидејки ова ни е нашата култура и најважно е да ги имаме, , вели Дарија Стефаноска ученичка
-Имаме мајчина душица, нане и планински чај кој е доста познат и можеме да го најдеме само на планината галичица. Во турскиот дел имаме сок од ружи кој се подготвува со лисјата од ружи. Имаме турски чај кој го послужуваат коха ке им додје некој на гости. Имаме труско кафе кое го викаат кафе муабет, вели Ана Стојаноска ученичка во РЦСОО Ванчо Питошески. .
–Локални вина користат албанците, и ракија која е направена од овошје. Има коњак скендербег кој има ноти на овошје и ванила. Корча пивото најпознато во Албанија бозелот е направен од ферментиран пијалок од пченица и пченка . вели Дамјан Чолакоски ученик





Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, истакна дека токму ваквите настани се вистински пример за заедништво и почитување на културното наследство.
„Денот на мултикултурализмот е ден кога се спојуваат повеќе култури и навистина, кога ќе видите една ваква богата трпеза, но и сите оние елементи што се вткаени во традицијата, емоцијата, фолклорот, јазикот и писмото, тогаш знаете дека сето тоа е создадено од вредни раце, а зад тие вредни раце стојат посветени професори, кажа Божиновски.
Уште еднаш честитки до сите за ваквиот настан. Општина Охрид секогаш ќе ги поддржува овие настани и, како град кој живее од и за туризмот, навистина треба да го промовираме токму она по што сме препознатливи во светот. Како што се враќате од врвни спортски натпревари со медали, така и понатаму продолжете успешно да ги претставувате училиштето, градот и, секако, јадењата што ги презентирате таму.”, истакна Перчо Божиноски претседател на Советот на општина Охрид.

Директорот на училиштето, Тони Андрески, нагласи дека мултикултурализмот не е само збор, туку вредност што секојдневно се гради преку меѓусебно почитување, разбирање и соработка.
„Денес не сме собрани само да претставиме традиции, јазици, музика и храна, туку да покажеме дека различностите не нè разделуваат, туку нè зближуваат и нè прават побогати како луѓе. Мултикултурализмот е вредност што се гради со почит, разбирање и прифаќање на другиот и поинаквиот. Токму затоа училиштата имаат голема улога – да ги воспитуваат младите во духот на толеранцијата, заедништвото и меѓусебната поддршка.Во нашето училиште секојдневно учиме дека вистинскиот успех се постигнува кога работиме заедно, без разлика на вера, националност или јазик. Различните култури носат различни обичаи, вкусови и традиции, а кога тие се спојуваат се создава едно прекрасно богатство кое треба да го чуваме. Мултикултурното општество е посилно, похумано и поисполнето со разбирање. Само преку дијалог и почит можеме да изградиме подобра иднина за младите генерации.” изјави Андрески.
Учениците од различни етникуми на сите јазици испратија порака за единство и љубов. Денот на мултикултурата уште еднаш потврди дека Охрид е пример за соживот и меѓусебно почитување. Преку традицијата, гастрономијата, јазиците и обичаите, младите покажаа дека иднината се гради со разбирање, а не со поделби. Токму затоа пораката од овој настан, во организација на општина Охрид, беше јасна – различностите не треба да се гледаат како пречка, туку како вредност што ги зближува луѓето и го прави општеството побогато и похумано.










