Доделени признанија на најуспешните основци и средношколци во Охрид

Како дел од свечената програма за чествување на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, претпладнево пред споменикот на Кирил и Методиј на Охридскиот кеј се одржа пригоден настан на кој беа доделени признанија на охридските ученици, кои оствариле високи резултати на државни и регионални натпревари.
Пред бројните ученици, родители, наставници и делегации, свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.
– На ова уникатно место, покрај нашето прекрасно езеро, каде што историјата, верата и просветителството со векови оставаат неизбришлива трага, имаме привилегија да одбележуваме еден од најсветлите датуми во македонската и словенската историја, празникот посветен на Светите браќа Кирил и Методиј.
Со својата просветителска и духовна мисија, овие наши апостоли не оставија зад себе само букви, тие ни оставија непроценливо цивилизациско наследство. Му дадоа глас на словенскиот народ и можност да учи, да создава и да се препознава себеси преку својот јазик и својата култура. Нивното дело е темел на Македонскиот идентитет, но и наша трајна обврска, да го чуваме знаењето, да вложуваме во образованието и да ги поддржуваме младите генерации. А токму денес, овде, пред споменикот на светите браќа, најголемата чест им ја оддаваме на охридските ученици, кои со својот труд и успех покажуваат дека Охрид и понатаму живее како центар на писменоста и знаењето.
Драги деца,
Вашите награди не се само лични успеси. Тие се гордост за нашиот град, за вашите семејства и за сите нас. Зад секој ваш успех стојат посветеност, труд и верба во сопствените можности. Денес, гледајќи ве тука, во толку голем број, сигурен сум дека духот на просветителството продолжува да расте.
Вие сте една нова генерација, која треба да ја носи иднината на Охрид и Македонија. Генерација која треба да знае дека вистинските вредности не се минливи и дека знаењето е најсилната моќ што еден човек може да ја поседува.
Како градоначалник, чувствувам особена чест што денес имам можност лично да ви честитам и да ви посакам да продолжите да верувате во себе, во своите квалитети и таленти.
Почитувани, поради името кое го носам, за мене овој празник секогаш предизвикува силни емоции и искрено се радувам што и оваа година имам можност да ги поделам овие убави чувства заедно со Вас!Ви посакувам да бидете здрави и среќни и да остварите уште многу значајни успеси во иднина! Нека продолжи да живее делото на Светите Кирил и Методиј! Нека ни е честит и вековит 24-ти Мај!, истакна Пецаков во своето обраќање.
На настанот, беа доделени околу 380 признанија на ученици од сите основни и средни училишта од Општина Охрид кои освоиле 1-во,2-ро,3-то место на официјални натпревари, по повеќе наставни предмети.
Во рамки на чествувањата по повод празникот во ЦК „Кирил и Методиј“ во населба Кошишта се одржа панихида и фолклорен концерт, а на плоштадот Свети Климент Охридски се одржа Фестивалот за поезија за деца „Стихувалки“.































