Научна конференција во чест на Светите браќа Кирил и Методиј

Во рамки на чествувањата посветени на Светите браќа Кирил и Методиј денеска во Охрид започна научна конференција „Континуитетот на кирилометодиевската традиција изразен во Охридската книжевна школа“.
Пред присутните се обрати Заменик градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска.

– Возвишено е чувството во древниот Охрид, колевката на писменоста и духовноста да се одржуваат вакви научни собири во моменти кога градот го дочекува сиот описменет Свет во Деновите посветени на големите Кирил и Метидиј.
И по многу изминати столетија од кирилометодиевите мисии за описменување, возвишени ни се чувствата за нив затоа што слепи прогледавме, глуви слушнавме и неми прозборевме.
Уште посилно е нивното присуство меѓу нас, а ние исклучително горди затоа што нашиов убав Охрид преку охридската книжевна школа и дејноста на нашите Климент и Наум Охридски стана светски центар на писменоста. Св. Климент Охридски со својот преродбенски дух претставува еден од најмаркантните ученици и продолжувачи на визионерското дело на светите солунски браќа Кирил и Методиј чија просветителска мисија ги изведе словенските народи на културно- цивилизациската сцена на Европа.
Охридската книжевна школа со повеќе од 3 500 ученици претставува најрепрезентативен духовен центар на сите времиња. Со својата црковна, културно- просветителска и книжевно – филозофска дејност, со столетија е извор од кој се напојуваат словенските култури.
Сето ова доволно кажува каков книжевен и духовен центар е нашиот прекрасен Охрид, древнината на Светот во која се описменувале илјадници Словени. Мене ми останув уште да ви посакам успешна работа и пријатен престој во градов.
Со добра мисла и чисто срце, побогати на духовен план повторно ве очекуваме во Охрид- рече Крстеска.

На настанот се обратија и проф.д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Наташа Аврамовска од Институтот за Македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје како и проф. д-р Александар Василевски, директот на Институтот за старословенска култура во Прилеп.








