Ќе се санира и доистражува археолошкиот локалитет Манчевци

Ќе започне санација на археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, каде зимава обилните врнежи предизвикаа оштетувања на дел од потпорните ѕидови. Министерството за култура обезбеди средства за ревитализација и конзервација на просторот, како и дополнителни археолошки истражувања, премостување, изградба на нов потпорен ѕид, со што ќе се создадат соодветни услови за достоинствена презентација и промоција на богатото археолошко наследство.

„ Се сруши дел од потпорните ѕидови кон соседните објекти и тоа беше итна ситуација во која моравме да интервенираме. Обезбедени се средства и за таму. Прво треба да се изработи проект со кој ќе се обезбеди едно премостување на двата дела од локалитетот и со тоа ќе овозможиме обединување на двата дела и интегрална презентација на мозаиците што се таму.”, изјави Горан Патчев – директор на НУ Завод и Музеј Охрид.

Проектот предвидува трајно решение за заштита на локалитетот и неговата подобра презентација пред посетителите. Обезбедување, илуминација, а со планираното поврзување на двата дела на локалитетот ќе се создаде единствена археолошка целина.
„Релативно е нов во туристичката понуда на градот. Еден дел веќе беше изложен, добро осмислен и осветлен и претставуваше голема атракција. Меѓутоа, она што го пронајдовме и на другиот дел, со баптистериумот и прекрасните мозаици, ќе формира една прекрасна целина и атракција за градот”, додава Патчев.
Локалитет „Манчевци”,каде што е лоцирана ранохристијанската базилика со вредни мозаични површини е делумно истражен во 2007 година. По конзерваторските зафати и уредувањето на просторот, се очекува да прерасне во уште една значајна туристичка и културна атракција во Охрид.


Новинар Соња Рилковска







