Македонија и Хрватска денеска потпишаа договор за стратешка соработка

Посетата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на земјава отвори ново поглавје во економската соработка меѓу двете држави. Во фокусот на разговорите со македонскиот владин врв беа инвестициите, енергетиката, инфраструктурното поврзување и европските интеграции. Двете влади потпишаа Договор за стратешка соработка, кој треба да создаде услови за подлабоко економско партнерство и нови развојни проекти.

Според премиерот, договорот не е само дипломатски документ, туку рамка за конкретна соработка во повеќе стратешки области – транспорт, енергетика, информатички технологии, индустрија и безбедност.
„Во услови на нови глобални предизвици, нестабилност, безбедносни ризици и економски притисоци, денес повеќе од кога било е важно државите кои споделуваат исти вредности да градат посилни партнерства. Токму затоа договорот што денес го потпишуваме создава можности за уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори. Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, безбедноста, здравството и образованието.” – изјави премиерот Мицкоски.
Посебен акцент беше ставен на потребата од нови инвестиции, отворање работни места и поголема економска поврзаност меѓу компаниите и институциите на двете земји. Во време на енергетска и економска неизвесност, двете држави ја истакнаа важноста од зајакнување на енергетската безбедност и регионалните интерконекции. Потпишан беше и Меморандум за соработка во енергетскиот сектор, кој треба да овозможи заеднички проекти и поголема стабилност во снабдувањето со енергија.
„Токму затоа хрватското искуство има особена тежина и значење за нас. За нас европската интеграција не е само надворешно-политичка цел. Тоа е процес на институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот на нашите граѓани. Затоа ја цениме поддршката што Хрватска континуирано ѝ ја дава на нашата европска перспектива.”, додаде Мицковски.

Покрај добрата економска соработка и пријателските односи меѓу двете земји, хрватскиот премиер истакна дека Хрватска, како членка на Европската Унија, останува значаен поддржувач на македонските евроинтеграции.
– Нè радува доаѓањето на повеќе од 52 илјади македонски туристи во Хрватска, а бројот на ноќевања е зголемен за повеќе од 10 проценти. Се надеваме дека тој број дополнително ќе расте, особено со директните авионски линии, и мислам дека тоа ќе даде многу добри резултати во туризмот. Соработката во областа на одбраната е исто така многу важна. Хрватска во моментов е во процес на голем инвестициски циклус за модернизација и јакнење на капацитетите на хрватската армија., рече Пленковиќ претседател на Влада на Р Хрватска.
Од Владата порачаа дека хрватското искуство е особено важно за земјава, не само во политички, туку и во економски контекст, бидејќи европските стандарди значат модернизација, владеење на правото и подобра бизнис-клима. Посетата беше оценета како силен сигнал за продлабочување на економските односи и отворање нови можности за регионален развој и соработка.







