Терапијата за мултипла склероза ќе биде достапна и во Охрид

Пациентите со мултипла склероза од југозападниот регион наскоро ќе можат да добиваат третман и терапија и во Охрид, со што ќе се избегнат честите патувања до Скопје и дополнителните трошоци.
Како што информираа од Национално здружение за мултипла склероза, започнува процесот на децентрализација на третманот за пациентите со МС преку пилот-програма во три регионални центри низ државата. За Југозападниот регион, терапијата ќе биде достапна во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.
Директорот на Фонд за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека Фондот обезбедил зголемен буџет за потребите на пациентите со мултипла склероза и посочи дека доколку пилот-проектот даде резултати, децентрализацијата ќе се прошири и во други градови.
Според официјалните податоци, во Македонија моментално има околу 2.500 лица со дијагностицирана мултипла склероза, а само во текот на 2025 година биле регистрирани 115 нови случаи.
Од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија информираа дека буџетот за лекови за МС за 2026 година е зголемен на 451 милион денари, со што бројот на пациенти опфатени со терапија ќе се зголеми од 961 на над 1.020 лица.






