Нови правила за одлагање отпад во Стар Град, следуваат санкции за непочитување

ЈП „Охридски Комуналец” Охрид ги известува граѓаните на У.З.Стар Град, како и правните субјекти кои својата дејност ја обавуваат во овој дел од градот да го почитуваат комуналниот ред и пропишаната динамика за подигање на комуналниот отпад.
-Почнувајќи од 29.05.2026 год., правните субјекти задолжително имаат обврска отпадот да го депонираат и да го оставаат за подигнување во пластични канти за отпад најкасно до 06:00 часот наутро. Доколку отпадот се остави надвор од пропишаниот термин или несоодветно депониран, согласно законските обврски ќе интервенира и постапи Комуналниот инспекторат при што ќе биде изречена соодветна санкција, информираат од јавното претпријатие.
Посочуваат дека граѓаните комуналниот отпад уредно спакуван треба да го депонираат на определени места за оваа намена или во кантите за отпад во точно определените денови за дадениот реон најкасно до 06:00 часот наутро.
Граѓаните кои поседуваат викенд-станови и приватните станоиздавачи да ги информираат своите гости за комуналниот ред, велат од претпријатието изразувајќи надеж за взаемна соработка во текот на туристичката сезона.







