Skip to main content

Општина Охрид: Граѓаните ги гледаат резултатите на терен и ги чувствуваат бенефитите

Локалната самоуправа ги отфрли обвинувањата на СДСМ. Во реакција велат дека делата и проектите се најдобар одговор. Охрид добива капитални проекти кои со децении беа заборавени или одложувани, велат од општината.
 |  инфодеск  | 

Локалната самоуправа на Охрид со реакција ги отфрли обвинувањата изнесени од секретарот на ОО на СДСМ Охрид, Јован Крлев, оценувајќи дека станува збор за политички наратив со кој се минимизираат резултатите од работењето на општината во првите 200 дена од вториот мандат.

Од локалната власт велат дека тврдењата за нетранспарентност и отсуство на отчетност се во директен конфликт со фактичката состојба на терен, посочувајќи дека граѓаните секојдневно ги гледаат резултатите од реализираните проекти.

„Најдобар показател за успешноста на една локална самоуправа не се политичките говорници, туку реализираните капитални проекти“, велат од локалната самоуправа.

Во реакцијата се наведува дека во изминатиот период Охрид минува низ интензивна, системска и инфраструктурна трансформација, при што се издвојуваат повеќе капитални инвестиции и инфраструктурни зафати. Како клучни проекти ги посочуваат изградбата на катната гаража, новата пречистителна станица во Трпејца, обновата на пумпната станица кај „Метропол“, новата спортска сала во Лескоец и новата училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“.

-Тука е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“, со која се враќа препознатливиот лик на охридската чаршија. Охрид конечно добива инфраструктура соодветна за еден современ град. Комплетно се обновени главните градски артерии со нови коловози, пешачки зони и велосипедски патеки. Темелно се реконструирани клучните градски улици: „7-ми Ноември“, „Гоце Делчев“, „Прилепска“, дел од „Даме Груев“, „Момчило Јорданоски“ и „Радојца Новичиќ“. Оваа локална самоуправа се грижи еднаковено за руралните средини. Асфалтирани се локалните патишта до црквата „Св. Атанасиј“ во Рамне, како и патните правци за селата Плаќе, Свиништа и Завој, со сериозни инфраструктурни вложувања во Велгошти, Пештани и Лакочереј, стои во реакцијата.

Во однос на критиките на СДСМ за спортот и јавните инвестиции, од општината велат дека вложувањата се насочени и кон образованието, културата и спортот, со цел подобрување на условите за живот и развој на младите. Посочуваат дека се реконструирани детски и спортски игралишта, енергетски ефикасни фасади, нови покривни конструкции и дограма во повеќе основни и средни училишта во градот, како и дека се инвестира во културата и спортот.

„Вистинската одговорност пред граѓаните не се докажува со реторика, туку со завршени проекти и системско решавање на децениските проблеми. Наместо дневна политика, нашиот фокус останува цврсто насочен кон долгорочниот развој на Охрид. Делата и реализираните проекти се најдобриот аргумент, а граѓаните се оние кои секогаш ја даваат најобјективната оценка за сработеното“, се наведува во реакцијата на локалната самоуправа.