Skip to main content

Сè повеќе млади во Македонија користат цигари и никотински производи

Eкспертите предупредуваат дека тутунската и никотинската зависност не се само индивидуален избор, туку сериозен јавноздравствен, социјален и економски проблем, а заштитата на младите од зависност претставува инвестиција во идното здравје на целото општество.
 |  Маја Савиќ  | 

Македонија се соочува со сериозен товар поврзан со пушењето и никотинската зависност, а особено загрижувачки се податоците што се однесуваат на младите. Речиси половина од возрасната популација во државата пуши ( 45,4 проценти), што е двојно повеќе од европскиот просек кој изнесува 23 проценти. Уште поалармантен е фактот што дури 70 проценти од пушачите започнуваат со оваа навика уште во адолесцентниот период.

Истражувањата покажуваат дека 30,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години веќе пробале цигари или друг тутунски производ, а 12,4 проценти активно користат тутун. Кај младите од 15 до 16 години, околу 37 проценти користат цигари или никотински производи, додека електронските цигари и вејповите веќе се опишуваат како „масовен феномен кај младата популација“. Просечниот пушач во земјава дневно пушиа по 18 цигари.

Дополнително загрижува и раната изложеност на чад и нормализацијата на пушењето. Дури 46,2 проценти од децата секојдневно се изложени на пасивно пушење во домот, а 67,5 проценти растат во средина каде што постојано има присуство на чад. Значителен дел од младите имаат контакт и со рекламирање и промоција на тутунски производи.

Ова претставува сериозен јавноздравствен предизвик, бидејќи никотинот создава зависност особено брзо кај млад организам во развој. Последиците се сериозни. Се проценува дека околу 3.600 смртни случаи годишно во Македонија се поврзани со употребата на тутун, што практично значи дека секој шести смртен случај во државата е поврзан со пушење. Покрај здравствените последици, тука е и економскиот товар со над 19 милијарди денари годишно, преку трошоци за лекување, намалена продуктивност и предвремена смртност. “ – посочува д-р Даниела Чингоска – Спец. За социјална медицина и јавно здравје.

Според неа, пушењето и никотинската зависност не се личен избор создаден во празен простор, туку често се резултат на агресивен маркетинг и системско влијание врз младите, поради што заштитата на младите од зависност треба да биде заедничка одговорност на целото општество.

Таа нагласува дека е неопходен сериозен и координиран пристап на сите нивоа – од семејството и училиштата, до институциите и здравствениот систем. На индивидуално ниво, младите треба уште од најрана возраст да добиваат точни информации за ризиците од никотинот, но и поддршка за развивање здрави навики, физичка активност и отпор кон притисоците од околината.

На општествено ниво, потребни се училишта и јавни простори без чад и без никотин, потребна е поголема вклученост на семејството, училиштата, медиумите и здравствените работници, бидејќи младите не смеат да растат со порака дека никотинот е симбол на зрелост, слобода или прифаќање.“ – вели д-р Чингоска.

Според д-р Чингоска, неопходно е не само предупредување за штетите од пушењето, туку и создавање систем кој реално ќе им помогне на луѓето да престанат со пушење и уште поважно – воопшто да не започнат.

„Зависноста од никотин е медицински и психолошки проблем, а не само прашање на волја. Затоа, лицата што сакаат да престанат со пушење не треба да останат сами во тој процес.
Во тој контекст се замислени и Советувалишта за одвикнување од пушење во рамки на центрите за јавно здравје, кои обезбедуваат стручна поддршка за лицата што сакаат да ја надминат никотинската зависност. Сепак, потребно е нивно понатамошно кадровско и организациско јакнење за да можат да одговорат на потребите на населението. “
– вели д-р Чингоска.

Таа додава дека на национално ниво е потребно доследно спроведување на законите за заштита од пушење, построга контрола на продажбата на никотински производи на малолетници, ограничување на маркетингот насочен кон младите и поголеми инвестиции во превенција и програми за одвикнување.

Инаку, 31 мај се одбележува како Светски ден против тутун, кога светот повторно предупредува дека зависноста од тутун и никотин останува еден од најсериозните, но и најпревентабилни ризик-фактори за болест, инвалидитет и предвремена смрт. Годинашната кампања на Светската здравствена организација се одржува под мотото „Разоткриј ја мамката“, со порака дека современата тутунска и никотинска индустрија сè почесто ги таргетира младите преку слатки вкусови, впечатлив дизајн, социјални мрежи и дигитален маркетинг, создавајќи лажна перцепција дека овие производи се модерни и безопасни.

На крајот, експертите предупредуваат дека тутунската и никотинската зависност не се само индивидуален избор, туку сериозен јавноздравствен, социјален и економски проблем, а заштитата на младите од зависност претставува инвестиција во идното здравје на целото општество.