Отпад по уличките низ Стар град, Комуналец апелира за правилно одлагање

Искинати најлонски кеси, отпадоци разнесени по улиците и картонска амбалажа оставена околу садовите за отпад се секојдневна глетка во Стар град, која остава лош впечаток кај жителите и туристите.
„Ова се редовни слики од најпосетуваниот дел од Охрид од страна на туристи, место каде што живеат голем број граѓани и функционираат бројни бизниси. Ова не е сликата што сакаме ниту да ја живееме, ниту да ја оставиме како впечаток за нашата култура“, велат од д ЈП „Охридски Комуналец“.
Од претпријатието апелираат до граѓаните и правните лица кои работат во Стар Град да ги почитуваат препораките за правилно одлагање на отпадот, во садови за отпад, а не во најлонски кеси, како и отпадот да се изнесува најдоцна до 06:00 часот наутро.


Според нив, отпадот, особено остатоците од храна оставени во кеси, често завршува расфрлан по улиците поради улични и домашни животни. Затоа се препорачува отпадот да се одлага во соодветни садови, нивните капаци да бидат затворени и да не се остава отпадот подолго време на јавни површини, особено во периодот на високи температури.
Од комуналното претпријатие потсетуваат дека управувањето со отпадот е заедничка одговорност на сите граѓани и деловни субјекти и упатуваат благодарност до сите кои придонесуваат за почиста и поздрава животна средина во Охрид.




