Skip to main content

И покрај апелите за заштита, се руши куќата од 1927 год на ул „Димитар Влахов“

Управата за заштита на културното наследство соопшти денеска дека немала законски надлежности да интервенира бидејќи куќата на ул „Димитар Влахов“ која датира од 1927 год. немала статус на заштитено културно наследство ниту била под привремена заштита.
 |  инфодеск  | 

И покрај апелите на иницијативата Охрид СОС и граѓани за нејзина заштита, вчера започна уривањето на куќата на улицата „Димитар Влахов“ , објект изграден во 1927 година кој според активистите претставува редок и вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период. Охрид СОС претходно (29 мај ) побара од надлежните институции итна привремена заштита на објектот, укажувајќи дека тој се наоѓа во зона опфатена со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и е дел од поширока архитектонско-урбанистичка целина долж улиците „Димитар Влахов“ и „Даме Груев“.

„Шокантно е што овој објект досега не бил заштитен согласно Законот за заштита на културното наследство, со што би се обезбедило неговото сочувување и за следните генерации, како дел од Исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство, впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО. “– наведоа од Охрид СОС.

Управата за заштита на културното наследство соопшти денеска дека немала законски надлежности да интервенира бидејќи куќата немала статус на заштитено културно наследство ниту била под привремена заштита.

Според нив, до институцијата не била покрената официјална постапка за заштита од надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид.

„Невладината Охрид SOS не е надлежна установа за доставување на предлози за воспоставување на заштита за објекти кои треба да бидат културно наследство. Објектот се наоѓа во контактната зона на Споменична целина Старо градско јадро на Охрид за кој постои утврден режим на заштита Со оглед на ова НУ Завод за заштита на споменици и музеј Охрид е надлежна установа која треба да ја следи состојбата на терен.“ – стои во официјалната информација од Управата за заштита на културното наследство.

Дополнително, според Планот за управување со Охридскиот Регион, во оваа зона се дозволени обнова на постојните и изградба на нови објекти само доколку се почитуваат амбиенталните и традиционалните карактеристики на просторот. Планот забранува окрупнување на градежните парцели и предвидува новите градби да бидат усогласени со локалниот архитектонски контекст и силуетата на старото градско јадро, предупредија од Охрид СОС.

Поддршка за зачувување на оваа урбана целина дале повеќе од 1.000 граѓани преку петиција против новиот урбанистички план кој предвидува станбена зграда и паркинг.

Случајот со оваа куќа повторно ја отвори потребата од навремено препознавање и зачувување на објекти со историска и културна вредност и доследна заштита на архитектонското наследство во Охрид.