Охридската библиотека по четврти пат го реализираше проектот „Читаме гласно и раскажуваме“

Од 18 до 29 мај во ООУ „Бртатство Единство“ во населбата Лескајца, НУ Библиотека „Григор Прличев“ го реализираше проектот „Читаме гласни и раскажуваме“ одобрен од Министерсвото за култура и туризам како дел од Годишната програма за работа на охридската библиотека „Григор Прличев“.

-Читањето како и раскажувањето имаат големо значење за развојот на децата бидејќи преку нив тие стекнуваат нови знаења, учат важни животни вредности и го развиваат критичкото мислење. Преку читањето децата го збогатуваат речникот, а пак, раскажувањето им помага подобро да ги изразат своите мисли, чувства и доживувања. Проектот се одвиваше четврта година по ред и годинава беа опфатени дваесет и две деца од второ одделение од ООУ „Братство Единство“ Лескајца. Учениците со нетрпение го очекуваа секој нареден час и не го криеја своето задоволство после секој завршен час да ги искажат своите впечатоци од веќе прочитаниот текст. Не ја изоставивме можноста овие прекрасни деца да ни го покажат и нивниот талент за цртање. Со внимание го читаа текстот, а потоа нивните вредни рачиња ја изнесуваа прочитаната содржина преку цртежи, велат од Библиотеката.

Во нивното соопштение упатуваат благодарност до директорот на ООУ „Братство Единство“-Охрид, Мехмед Џемал, и наставничките Јована Куциноска и Пана Димоска за топлиот прием изразувајќи надеж за успешни понатамошни соработки. Носител на проектот беше Бети Лазеска-Симоноска, а соработник Весна Симоновска и двете библиотекари во одделението за стручна обработка.
Инаку, проектот претходно беше одобрен од Министерсвото за култура и туризам според годишниот план за работа на охридската библиотека,,Григор Прличев’’.






