Skip to main content

„Вози велосипед, уживај и промовирај“: Охрид испрати порака за здрав живот и еколошкa урбанa мобилност

Стотина ученици, наставници, рекреативци и претставници на локални компании денеска учествуваа на третото издание на ревијалниот настан „Вози велосипед, уживај и промовирај“, што се одржа во Охрид по повод Светскиот ден на велосипедизмот. Преку заедничка велосипедска тура, учесниците ја промовираа важноста на здравите животни навики, одржливиот транспорт и заштитата на животната средина.
 |  Маја Савиќ  | 

Денеска по повод Светскиот ден на велосипедизмот, се одржа третото издание на ревијалниот настан „Вози велосипед, уживај и промовирај“. Стотина ученици и наставници од средните училишта, граѓани, рекреативци и претставници на локални фирми се дружеа, промовираа здрави животни навики и возење велосипед како еколошка алтернатива за транспорт во урбаните средини. Воедно реализираа и бизнис идеа за иновативен начин на пренесување маркетинг пораки од локалната бизнис заедница. Организатор на настанот е Здружението за едукација, култура и младински активизам во соработка со СОСУ „Св Кирил и Методиј“ и со поддршка од Општина Охрид

Некој од вас денес помислува дека дошол на некој спортски настан. Можеби некој од вас помислува дека дошол на некој бизнис настан или економски настан. Можеби некој од вас помислува дека денес дошол како учесник на некој урбан велосипедизам. Верувајте, сите тие три димензии ги споивме во едно, токму преку овој проект. Проектот којшто нуди здрави животни навики, успешна промоција и еколошки и економски транспорт. Повик до претставниците од локалната самоуправа да поддржат вакви и слични иницијативи, затоа што, верувајте дека би се радувала доколку во иднина не зборуваме повеќе за поправање на улици и такви работи, тоа веќе да го надминеме, само да зборуваме за велосипедски патеки, еколошки начин на живот и здрав начин на живот. Апел до бизнис заедницата, исто така… Благодарност за поддршката сето ова време и еве, еден апел и до нив, до нивните вработени – да преферираат возење на велосипед, а со тоа и успешно можат да ги испромовираат своите фирми. Апел до младите… им благодарам од срце и им посакувам во иднина да едноставно ги продолжат ваквите иницијативи, да бидат амбасадори на еден здрав начин на живот, еколошки начин на живот. “ – кажа Весна Карамитре – Здружение „Граѓански Интегритет“.

Со особено задоволство го поддржуваме проектот „Вози велосипед, уживај и промовирај“, кој на иновативен начин ги поврзува маркетингот, економичниот транспорт И општествената одговорност. Како училиште, веруваме дека соработката помеѓу образованието и бизнис заедницата создава нови можности за учење, развој и промоција на одржливи идеи. “ – кажа во обраќањето Ристе Јанкоски –директор на СОСУ „Св Кирил и Методиј“.

Интересот за овој настан и кај младите и кај локалните бизниси расте, а годинава иницијативата ја поддржаа и екологистите.

„Огромна благодарност што ни дозволија, со „Училиште без пластика“, да бидеме дел од овој прекрасен настан којшто, се надевам, трета година ќе му славиме јубилеј како 30 години. Нема ништо поважно од тоа да се пренесе пораката и да се живее таа порака дека велосипедот и возењето на велосипед, не само рекреативното, туку во урбаното живеење, е можеби единствениот начин на којшто можеме да се заштитиме од сите предизвици со загадувањето, наједноставен начин. Значи, моментално Охрид има 11,4 километри велосипедска инфраструктура од велосипедски патеки, од коишто повеќето се наоѓаат на коловоз, слабо обележани со избледена боја. Многу е важно да градиме култура, т.е. ние како граѓани да бараме да се изгради безбедна велосипедска патека, да се изгради и поврзана велосипедска патека, затоа што Охрид е велосипедски град.“ – порача Драгана Карашова – еко активист.

Претставник на бизнис заедницата ја пренесе пораката дека општествената одговорност, промовирањето и практикувањето здрави навики и грижата за животната средина се вредности што ги обединуваат граѓаните, институциите и компаниите.

Како претставници на бизнис заедницата, со задоволство поддржуваме вакви настани кои претставуваат пример за иновативен и креативен маркетинг. Веруваме дека велосипедот може да биде не само економично и еколошко превозно средство, туку и ефикасен начин за промоција на компаниите и нивните производи и услуги. Преку ваквите иницијативи сакаме да ја поттикнеме свеста кај нашите вработени за почесто користење на велосипедот во секојдневниот живот, како придонес кон поздрав начин на живеење и поодговорен однос кон животната средина“ – рече Дафина Стефаноска, претставник од Халк осигурување.

Јован Јованоски од велосипедскиот клуб „Еко дром“ сподели совети за одговорно возење велосипед и официјално да го означи почетокот на велосипедската тура која годинава започна од Холанскиот парк. За безбедност на сите учесници, велосипедската тура беше следена од полициска придружба.