Skip to main content

Нова стратегија и пoстроги мерки за решавање на проблемот со бездомните животни

Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат нова национална стратегија и законски измени кои треба да донесат построга контрола врз сопственичките миленици и намалување на бројот на кучиња на улиците. Експертите предупредуваат – без одговорно сопствеништво и системски мерки, проблемот нема трајно решение.
 |  инфодеск  | 

За решавање на проблемот со бездомните животни потребен е  системски пристап и поголема контрола врз сопственичките миленици. Ова беше порачано на работната средба што ја организираше Агенцијата за храна и ветеринарство во Југозападниот Плански Регион, како дел од подготовката на Националната стратегија за управување со популацијата. .

Според надлежните, искуствата од изминатите години покажале дека голем дел од проблемот произлегува токму од неодговорното сопствеништво и неконтролираното размножување на животните. Во Југозападниот Регион дополнителен предизвик претставува и недостатокот на прифатилишта и стационари за згрижување на бездомните животни.Нема ниту здружение за заштита на бездомните, целиот товар е на десеттина активисти, кои со сите сили се борат да спасат живот повеќе.  

„Ова е четврти состанок на работната група во врска со Националната стратегија за управување со популацијата на бездомни кучиња, односно со популацијата на сите кучиња, затоа што од искуствата излегува дека не се најголем проблем бездомните кучиња, туку сопственичката популација. Токму поради тоа, Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со сите релевантни институции, формираше работна група која ги посетува сите плански региони со цел да се соберат податоци и врз основа на нив да се формира национална стратегија, а потоа и посебни регионални стратегии согласно специфичните потреби на секое населено место.” – изјави Тања Ололовска Ристевска – Агенција за храна и ветеринарство.

Надлежните велат итно е  потребна поголема вклученост на локалните самоуправи во решавањето на проблемот. Не само за популацијата на бездомните кучиња, туку потребни се програми за стерилизација на мачки, бидејќи тие се во уште понезавидна состојба.

„Во предлог-измените на Законот за заштита и благосостојба на животните веќе е предвидено секоја општина да изработи план и програма за справување со популацијата на бездомни мачки. Ова треба да почне да се реализира во следниот период. За поздравување се сите општини кои веќе издвојуваат средства за бесплатни стерилизации на бездомните мачки, а истото е важно и за кучињата. Само преку вакви мерки може долгорочно да се влијае врз намалување на бројот на животни на улиците.” – вели Ололовска Ристевска.

Од Факултетот за ветеринарна медицина посочуваат дека фокусот мора да се стави на сопственичките животни, бидејќи токму од нив најчесто потекнува новата популација на бездомни кучиња.

„Целата заедница, а особено локалната самоуправа, треба вниманието да го насочи кон сопственичките кучиња. Потребно е сите кучиња да бидат микрочипирани и да постои контрола врз нивното размножување. Доколку некој сака да чува нестерилизиран миленик, мора да биде под соодветен надзор и секое ново легло да биде пријавено. Тоа е важно и од аспект на здравствената заштита на животните и од аспект на заштита на граѓаните, за тие животни да не завршат на улица.” -посочува Проф. Златко Илиевски – Факултет за ветеринарна медицина.

Новите законски измени, кои веќе подолг период се најавуваат, според надлежните треба да воведат построги правила за одговорно сопствеништво, задолжително микрочипирање и поголема контрола врз размножувањето на домашните миленици. Очекувањата се дека токму овие мерки ќе придонесат за долгорочно намалување на бројот на бездомни животни во државата.