Skip to main content

Струга се подготвува за летната туристичка сезона: најавени мерки за сообраќајот, безбедноста и јавниот ред

Од Општина Струга истакнуваат дека целта на преземените мерки е обезбедување побезбедна, поуредена и пофункционална средина за граѓаните и туристите во текот на претстојната летна сезона.
 |  инфодеск  | 
struga

Во пресрет на летната туристичка сезона, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, одржа координативна средба со претставници на општинската администрација, јавните претпријатија, инспекциските служби, полицијата и Територијалната противпожарна единица, со цел навремена подготовка на градот за периодот кога се очекува зголемен број туристи и посетители.

На состанокот биле разгледани повеќе прашања од значење за нормално функционирање на градот во текот на летото, меѓу кои сообраќајот, безбедноста, паркирањето, работното време на угостителските објекти, проблемот со бездомните кучиња и питачењето.

Според информациите од Општина Струга, во тек е постапка за поставување нова сообраќајна сигнализација и семафори на две локации во градот. Од полицијата биле посочени и најкритичните сообраќајни точки, раскрсницата кај улиците „Ристо Крле“ и „Боро Калајџиески“, излезот од градот кон Велешта и улицата „Партизанска“.

Како долгорочно решение за растоварување на сообраќајот бил презентиран проект за изградба на нова сообраќајница која ќе ја поврзе Струга со Моровишта и околните населени места.

Надлежните најавија и затворање на нелегалните влезови и излези за моторни возила во плажните зони, во соработка со ЈП „Еко“, како и засилени активности против нелегалните пазари и нерегистрираните продажни места.

Во однос на угостителскиот сектор, прашањето за работното време на кафулињата и рестораните ќе биде разгледано на следната седница на Советот на Општина Струга. Од локалната самоуправа најавуваат флексибилен пристап со цел поддршка на туристичката и угостителската дејност.

На средбата било разговарано и за можноста за набавка на современа опрема за регулирање на сообраќајот и отстранување на непрописно паркирани возила, како и за поставување заштитни бариери на најоптоварените тротоари во близина на плажите.

Во завршна фаза е и проектот за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња, додека за проблемот со питачењето беше побарана засилена координација со полицијата за спречување на организирани групи кои во текот на летната сезона доаѓаат во Струга.

Од Општина Струга истакнуваат дека целта на преземените мерки е обезбедување побезбедна, поуредена и пофункционална средина за граѓаните и туристите во текот на претстојната летна сезона.