Skip to main content

Ревизијата откри низа неправилности и во Академијата за судии и обвинители

Државниот завод за ревизија констатирал низа неправилности во финансиското и организациското работење на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, покажува конечниот ревизорски извештај за работењето на институцијата во 2024 година.
 |  инфодеск  | 

Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Академијата за судии и јавни обвинители за 2024 година, на сметката на основниот буџет.

Овластениот државен ревизор изрази мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, но изрази мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики. Од ДЗР напоменуваат дека за годините што претходат на 2024 година, не била извршена ревизија ниту пак бил издаден извештај за оваа буџетска сметка на Академијата.

Во извештајот се нотирани низа неправилности во финансиското работење и менаџирањето со човечките ресурси:

  • Неосновани исплати на надоместоци: Надоместоците на членовите на Управниот одбор и на Програмскиот совет биле исплаќани месечно и во целост, наместо пропорционално со нивното присуство на седниците. Исто така, исплаќани се надоместоци на членови на комисии за оценување на практична настава, како и за координатори, чиј статус, права и обврски воопшто не се утврдени со Законот за Академија за судии и јавни обвинители.
  • Пробиени рокови за обука на 8-мата генерација: Законски утврдениот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за оваа генерација слушатели бил надминат за три месеци. Ова довело до дополнителни исплати на финансиски средства за ментори и координатори. Дополнително, дел од договорите со менторите за практична настава биле склучени откако веќе завршил периодот на менторство.
  • Пропусти со прекувремена работа и дневници: Констатирано е надминување на законскиот максимум за прекувремена работа, без претходно писмено известување до подрачниот инспектор за труд. Во еден од случаите, исплатени се средства за прекувремена работа на вработено лице во денови за кои истовремено му биле исплатени и дневници за службен пат во странство, како и за присуство на седница одржана во текот на редовното работно време.
  • Недоследности кај јавните набавки и картичките за гориво: Академијата набавувала стоки и услуги без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка.  Во еден од тендерите бил утврден критериум за економскиот оператор кој не бил директно поврзан со предметот на набавката.

Ревизијата исто така утврдила и дека не постоела евиденција за тоа на кои лица и за кои цели им се издаваат службените картички за гориво.