Skip to main content

Над 2.400 тркачи од 31 држава на јубилејното 10. издание на „Охрид трчаТ“

Јубилејното 10-то издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ”, ќе се одржи од 5 до 7 јуни. Над 2400 тркачи од 31 држава ќе ја имаат честа да трчаат по една од најубавите патеки во светот. Охрид, како туристички град, за време на целиот викенд ќе биде исполнет со многу позитивна енергија.
 |  инфодеск  | 

Охрид викендов ќе биде во знакот на спортот и рекреацијата. Од 5 до 7 јуни ќе се одржи јубилејното 10. издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“, која годинава ќе собере повеќе од 2.400 учесници од 31 држава. Организаторите велат дека настанот одамна ја надминал рамката на спортска трка и прераснал во препознатлив бренд што создава нови пријателства, промовира здрави навики и го афирмира Охрид на меѓународната спортска мапа.

„ Ние прославуваме јубилеј не само поврзан со трчањето туку прославуваме 10 години создавање на приказни, на пријателства, како во Македонија така и надвор и посебно ни е мило што од година во година тие пријателства се зголемуваат. Ние прославуваме 10 години едукација, подигнување на свеста, соработка со волонтерите кои се многу важен дел од сето она што ние сакаме да го постигнеме.” – изјави Иван Цветкоски – АК „Охрид трчаТ”

Градоначалникот Кирил Пецаков упати честитки до организаторите за јубилејот, оценувајќи дека „Охрид трчаТ“ е една од најуспешните спортски приказни во земјава.

„ Гордост за градот претставува оваа манифестација но и за Македонија. Начинот на кој овој настан низ годините се организира значеше пробив и за самата институција не само регионално туку и пошироко за сите оние манифестации кои се занимаваат со истата тема односно трчањето и маратонското трчање. Тоа секако отвораше и нови врати кои тековно низ годините ќе ги видиме какви се бенефити всушност ќе ни донесе во наредните години. Ние како локална самоуправа цврсто стоиме позади вакви успешни приказни кои го промовираат градот и кои зборуваат и за Македонија. Охрид Трчат не е само трките 5К , 21К и штафетниот полумаратон туку претставува три дена уживање на сите учесници. “ – кажа Пецаков.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Охрид и полициската станица од општа надлежност при СВР Охрид и оваа година ќе ги ангажира сите свои ресурси со цел трасата каде ќе се одржуваат трките да биде максимално обезбедена согласно сообраќајниот проект изготвен за настанот.

„Имаме предвидено околу 32 позиции каде ќе има полициски службеници. Таму каде увидовме дека минатата година имавме некои проблеми, ќе ги мапираме тие точки и ќе бидат со засиелено полициско присуство. Ќе биде ангажирано целокупното моторно одделение од ПС за безбедност во патниот сообраќај, како пред учесниците така и позади нив ќе бидат за цело време обезбедени на двете трки по должина на целата траса. Јас апелирам да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сигнализација на трасата и да се следат упатствата на полициските службеници.“ – кажа Владо Аслимоски – командир на ПС за безбедност во патниот сообраќај.

Традиционално, на градоначалникот на Охрид му беше доделен учесничкиот број 1, со што и симболично беше означен почетокот на јубилејното издание на „Охрид трчаТ“.