Новите летови од Полска се очекува да донесат илјадници гости на охридското крајбрежје

Со првиот авион од Вроцлав вчера во Охрид пристигнаа околу 200 туристи од Полска. За само еден ден ќе стартува и новата авиолинија до Катовице.
Новите летови од Полска се очекува до средината на септември да донесат илјадници гости на охридското крајбрежје и да придонесат за продолжување на туристичката сезона. Ова лето од Охридскиот аеродром ќе се патува до 17 дестинации.
„Ова не се само туристички летови, туку летови кои не се само сезонски и кои ќе донесат дополнителна вредност за целиот регион. Ако на тоа се додаде дека веќе од оваа недела почнуваат летовите на релација Белград–Охрид и Истанбул–Охрид, тогаш приказната се заокружува. Имаме фантастични бројки. Во периодот јануари–мај оваа година, споредено со лани, имаме раст од 31,2 проценти, што го нема на ниту еден друг аеродром”, изјави вицепремиерот Александар Николоски.

Во меѓувреме, со забрзана динамика се реализира и реконструкцијата на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле”. Со инвестицијата вредна 2,7 милиони евра се врши модернизација на аеродромската инфраструктура, подобрување на условите за патниците и зголемување на капацитетите.
„Севкупно, проектот достигна фаза од 65 проценти завршеност. Би сакал да нагласам дека додека се одвиваат градежните работи, истовремено непречено се опслужуваат сите дојдовни летови и патници. Целокупната работа на аеродромот се одвива без никакви пречки”, истакна Неџат Курт.
Реконструкцијата на аеродромот, прва од неговата изградба пред 70 години, се очекува да заврши за два месеци.
Новинар: Соња Рилковска




