Skip to main content

Струшките хирурзи револтирани: Од 1 јуни само итни случаи, бараат решение за платите и условите за работа

И покрај незадоволството, лекарите остануваат на своите работни места и ќе продолжат да ги третираат сите итни случаи, со цел да не биде загрозено здравјето и животот на пациентите.
 |  инфодеск  | 
Струшка болница

Од 1 јуни, хирурзите и анестезиолозите во Општата болница во Струга ги ограничија своите активности исклучиво на итни хируршки интервенции, додека сите планирани операции и неитни случаи се одложуваат до понатамошно известување.

Според нив, ваквата одлука е резултат на долгогодишни нерешени проблеми поврзани со пресметката и исплатата на нивниот труд, како и поради отсуството на слух од надлежните институции за решавање на овие прашања.

Медицинскиот персонал посочува дека и понатаму се применува застарен систем за пресметка на платите, а незаконски е намален и бројот на повици за приправност, при што не се исплаќа соодветниот број реализирани повици. Дополнително, кај анестезиолозите е намален бројот на часови за приправност што се пресметуваат и исплаќаат.

Меѓу нивните барања се исплата на вишокот реализирани часови, како и исплата на инфективниот додаток, кој, според нив, неоправдано не им се исплаќа.

Хирурзите и анестезиолозите нагласуваат дека Струшката болница е единствена болница од секундарното здравство во која се реализира толку голем број елективни и итни хируршки интервенции, вклучително и значителен број онколошки операции. Сепак, како што тврдат, лекарите кои ги извршуваат овие интервенции примаат пониски плати од колегите во други здравствени установи каде што во текот на месецот не се реализира ниту една операција.

Тие потенцираат дека Општата болница во Струга е единствената болница од секундарното здравство која оперира пациенти од целиот југозападен регион на државата.

И покрај незадоволството, лекарите остануваат на своите работни места и ќе продолжат да ги третираат сите итни случаи, со цел да не биде загрозено здравјето и животот на пациентите.

Планираните операции остануваат во мирување сѐ додека не се најде решение за нивните барања.