Skip to main content

11-тото издание на „Вдиши Театар“ носи четири дена креативност и младинска енергија во Охрид

Организаторите упатуваат покана до сите љубители на театарот да бидат дел од ова културно случување кое веќе единаесет години претставува простор за креативно изразување, дружење и меѓународна соработка меѓу младите.
 |  инфодеск  | 
Вдиши театар

Охрид од 10 до 13 јуни ќе биде домаќин на 11. издание на Меѓународниот младински аматерски театарски фестивал „Вдиши Театар 2026“, во организација на Црвен крст Охрид. Фестивалот и годинава ќе ги обедини младите театарски ентузијасти од Македонија, Србија и Црна Гора, нудејќи богата програма и четири вечери исполнети со театарска уметност.

Свеченото отворање е закажано за 10 јуни во 20:30 часот во предворјето на црквата „Света Софија“, каде што охридската публика ќе има можност да ја проследи претставата „Маски“ во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.

Во рамки на фестивалот ќе настапат и гостински ансамбли од организациите на Црвен крст од Крагуевац, Суботица и Бар, како и младински театарски групи од Ужице и Подгорица. Програмата вклучува претстави кои обработуваат актуелни општествени теми, меѓучовечки односи, предизвиците на младите и важноста на емпатијата, солидарноста и прифаќањето на различностите.

На 11 јуни ќе биде изведена претставата „Очекувај го неочекуваното“ од ООЦК Бар, Црна Гора, додека на 12 јуни во НУЦК „Григор Прличев“ ќе гостуваат Црвен крст Крагуевац со претставата „Трибина, куфер, бабушка и поет“ и театарската група од Ужице со претставата „Берачи“. Фестивалот ќе заврши на 13 јуни во предворјето на „Света Софија“ со претставата „Жени се, сине!“ во изведба на Црвен крст Суботица.

Организаторите упатуваат покана до сите љубители на театарот да бидат дел од ова културно случување кое веќе единаесет години претставува простор за креативно изразување, дружење и меѓународна соработка меѓу младите.

Влезот за сите претстави е бесплатен.