Skip to main content

Охриѓанецот Проф. д-р Петар Поповски избран за член на Кралската данска Академија на науките и книжевноста

Со изборот, тој станува дел од елитно научно друштво во кое низ историјата членувале некои од најголемите имиња во светската наука.
 |  инфодеск  | 

Македонскиот научник Петар Поповски, професор на Aalborg University и еден од водечките светски експерти во областа на комуникациските технологии, е избран за нов член на Royal Danish Academy of Sciences and Letters, една од најпрестижните научни институции во Данска.

„Претставува голема чест за мене што станувам член на Кралското данско друштво на науките и книжевноста, институција чиј поранешен претседател беше еден од моите научни херои, Нилс Бор. Им благодарам на научниците кои ја поддржаа мојата кандидатура и со нетрпение очекувам да придонесам во активностите на Друштвото преку мојата работа и експертиза во областа на теоријата и технологијата на комуникациите“,-вели професорот Петар Поповски.

Поповски е меѓу 30-те нови членови кои годинава се приклучуваат на академијата, чија мисија е да ја зајакне научната дејност и нејзиното влијание врз општеството. Со изборот, тој станува дел од елитно научно друштво во кое низ историјата членувале некои од најголемите имиња во светската наука, меѓу кои Ханс Кристијан Ерстед, Нилс Бор, Чарлс Дарвин, Марија Склодовска-Кири, Алберт Ајнштајн и Фердинанд де Сосир.

Професорот Поповски е меѓународно признат истражувач во областа на теоријата на комуникации, безжичните комуникации и мрежи, информациската теорија и квантните комуникации. Неговата научна работа има значајно влијание врз развојот на идните генерации комуникациски технологии, вклучувајќи ги интелигентните безжични мрежи и новите концепти за пренос на информации.

Во соопштението на Академијата се наведува дека новите членови ќе учествуваат во интердисциплинарни научни активности, комисии и проекти, со цел да придонесат кон развојот на данската и меѓународната научна заедница, како и кон обликувањето на научните политики и популаризацијата на науката.

Годинешниот избор е историски и поради тоа што за првпат истовремено се избираат нови членови и во хуманистичката и во природно-научната класа на Академијата. Новите членови официјално стапија во членство на 9 јуни 2026 година.

Проф. д-р Петар Поповски е роден во Охрид, дипломирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ во Скопје како првенец на генерацијата, каде што потоа магистрирал, а докторирал на Универзитетот во Олборг, Данска, каде што и денес е професор.

Изборот на Петар Поповски претставува значајно меѓународно признание не само за неговата научна кариера, туку и за македонската научна заедница, бидејќи уште еден истакнат научник со македонски корени, по потекло од Охрид, се вбројува меѓу најугледните имиња во европската и светската наука.