Охрид со „Чалгиски звуци“ му оддаде почит на легендарниот виолинист Климе Садило

Со звуците на македонската чалгија и староградската песна, во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид се одржа манифестацијата „Чалгиски звуци“, посветена на легендарниот охридски виолинист и трубадур Климе Садило.
Годинашното издание беше во знакот на два значајни јубилеи , 145 години од раѓањето на Климе Садило и 120 години од постоењето на такамот на Садиловци, препознатлив симбол на охридската музичка традиција и автентичниот градски мелос.

Пред присутните се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека покрај бисерот, езерото и вековните цркви, Охрид е препознатлив и по музиката што со децении одекнувала низ старите охридски сокачиња. Тој нагласи дека Климе Садило не бил само врвен виолинист, туку и чувар на охридскиот дух, кој преку музиката ги раскажувал приказните за градот и неговите жители.

Во име на организаторот, Здружението за уметност и култура „Арт Вивенди“, се обрати академскиот музичар Ѓоко Алоски, кој нагласи дека „Чалгиски звуци“ е многу повеќе од концертна вечер и претставува мисија за зачувување на охридската староградска песна и македонската чалгиска музика како непроценливо културно наследство.
Тој истакна дека делото на Климе Садило и богатото наследство на Садиловци остануваат трајна инспирација за новите генерации музичари и љубители на традиционалната музика.
Посебен белег на манифестацијата даде настапот на Универзитетскиот ансамбл „Македонија“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, под раководство на проф. д-р Владимир Јаневски. Пред бројната публика ансамблот изведе 40 минутна програма составена од бисери на македонската чалгиска музика, потврдувајќи ја својата улога како еден од најзначајните промотори и чувари на македонското музичко наследство.

Вечерта беше заокружена со специјално подготвен музички сплет посветен на Климе Садило, со кој уште еднаш беше оддадена почит на човекот чие име останува нераскинливо поврзано со охридската музичка традиција.




