Skip to main content

Тони Попов: Сликам затоа што не можам поинаку

Изложбата „Барајќи си дом“ на уметникот Тони Попов ќе биде отворена за посетителите до 30 јуни 2026 година, а е реализирана со поддршка на Општина Охрид.
 |  инфодеск  | 

Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид синоќа беше отворена изложбата „Барајќи си дом“ на уметникот Тони Попов, негова петнаесетта самостојна изложба.

Пред љубителите на уметноста, Попов се претставува со околу 40 дела изработени во акрилна и маслена техника, создадени во последниот период. Изложбата обединува претежно фигуративни композиции во кои човекот, просторот и сеќавањето се испреплетуваат во приказна за припадноста и потрагата по домот.

Во своето обраќање, авторот истакна дека сликањето за него е внатрешна потреба и начин на соочување со сопствените предизвици.

„Сликам затоа што, исто како и пишувањето, тоа е внатрешен порив. Сликам затоа што не можам поинаку, сликам зашто така се борам со некои свои темници. Но, изложувам затоа што секоја изложба е заокружување на еден циклус и најава за почнување нов. Така е и со оваа изложба“, рече Попов.

Тој најави дека неговиот следен циклус и наредната изложба ќе го носат насловот „Сликите кои ги нема“, за што јавноста ќе дознае повеќе од септември.

Во творештвото на Попов, домот не се појавува како конкретно место, туку како состојба на духот. Неговите фигури често се наоѓаат меѓу заминувањето и враќањето, меѓу познатото и непознатото, носејќи во себе тивка потреба за вкоренување и препознавање. Токму таа потрага по домот, која е истовремено лична и универзална, е централниот мотив на изложбата.

Преку слободен сликарски гест, нагласена експресивност и интерес за човечката приказна, авторот продолжува да истражува теми присутни и во неговите претходни циклуси – односот кон местото, паметењето, заедницата и човековата потреба да пронајде простор во кој ќе се почувствува свој.

Изложбата „Барајќи си дом“ ќе биде отворена за посетителите до 30 јуни 2026 година, а е реализирана со поддршка на Општина Охрид.