Австриските донатори бараат повисоки стандарди за чување на противпожарната опрема и возила за доброволните ПП друштва

Австриските донатори бараат соодветни услови за сместување и користење на противпожарната опрема и возила што ги донираат на доброволните противпожарни друштва. Возилата мора да бидат гаражирани и да се користат исклучиво за противпожарни намени, а од организациите кои ја добиваат помошта се очекува да обезбедат и соодветни просторни услови за функционирање на волонтерските единици.

Токму во овој контекст, на последната седница на Советот на Општина Охрид, советничката од Левица, Виолета Аврамоска, побара одговор дали Општината добила официјални забелешки од донаторите и дали соработката е ставена во мирување.
„Во јавноста се појавија некои информации поврзани со австриската донација на противпожарни возила, поточно дека дел од донациите би можеле да бидат стопирани. Ме интересира дали Општина Охрид има добиено официјални забелешки или известувања од донаторите во врска со користењето, сместувањето и одржувањето на донираната опрема и возила? Доколку има, кои мерки се преземени за надминување на евентуалните забелешки и каква е моменталната состојба на соработка со донаторите?“ – праша советничката Виолета Аврамоска.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, одговори дека нема информации за какви било проблеми со донаторите од Австрија.
„Јас колку што имам информација, има некоја соработката којашто постои помеѓу нас и Австрија, мислам ќе има и дополнителна некоја донација. Меѓутоа, за вакво нешто немам информација дека воопшто имало некакви проблеми. Баш ние и како Совет донесовме одлука, дадовме простор каде прикладно ќе биде чувано возилото. Тоа беше еден од условите за возилото да биде дадено, така да мислам дека нема никакви проблеми. “ – изјави Китески.

Според податоците од ТППЕ Охрид, со поддршка од покраината Тирол во изминатиот период биле донирани две противпожарни возила за ДПД „Ентузијаст – Охрид“ , соодветно гаражирани во нивниот објект во поранешна Касарна , како и противпожарен камион и патничко комбе за охридската територијална противпожарна единица гаражирани во Противпожарниот дом. Минатата година во октомври, беше донирано и едно ПП возило за новоформираното ДПД „Ентузијаст – Дебрца“. За тоа возило општината пред еден месец започна да гради гаража во Белчишта.


Командирот на охридската единица, Борко Јанкулоски, посочува дека во комуникацијата донаторите ја потенцирале потребата од повисоки стандарди за сместување на волонтерските друштва.
„Возилата мора да бидат гаражирани и користени само за противпожарна намена. Не знам дали Општина Охрид има добиено официјален допис во однос на возилата, единиствено во неформална комуникација сум известен дека стандардите на просторното сместување на волонтерските здруженија мора да се на повисоко ниво ( простор за состаноци,санитарен јазол, кујнсси простор и сл ). Како што имам неформална информација соработката моментално е во мирување. “, одговори за ТВМ, Јанкулоски.
Од Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст – Дебрца“ потврдуваат дека имало забелешки од донаторите, но посочуваат дека се работи на нивно надминување.
„Да, имавме забелешки, тоа е нормално како и кај други доброволни друштва, ама секогаш се надминуваат сите проблеми. Сегашниот градоначалник (на Дебрца) зеде обврска дека ќе се обезбедат сите услови за гаража која е веќе готова и обезбедени и дадени на користење ни се три простории каде е заштитена опремата. Соработката со донаторите ни е одлична, во контакт сме нон-стоп, добиваат слики и видеа од отпочнатата работа и се задоволни од реализацијата на обврските“, изјави претседателот на друштвото Благојче Блажески.


ДПД Ентузијаст Дебрца брои 20 волонтери од кои три се жени. Информираат дека претстојниов период друштвото ќе добие уште една вредна донација од Швајцарија во ПП одела, професионални дронови и четвороколка за спасувачки акции.
Инаку, соработката со ПП Бригада на покраината Тирол од Австрија започна пред две години, на иницијатива и залагање на командирот на охридската ПП единица,Борко Јанкулоски, а согласно Планот за противпожарна заштита на териториите на Охрид и Дебрца кој го изработи ТППЕ Охрид , во кој е нотирана потребата од формирање, опремување и обуки на доброволни друштва.



