Skip to main content

Македонскиот рубин отсега не е само природен феномен, тој е официјално заштитен национален симбол на Македонија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска соопшти дека е заокружен процесот на институционална заштита на македонскиот рубин, минерал кој претставува непроценлив дел од природното, геолошкото и културното наследство на Македонија.
 |  инфодеск  | 

Македонскиот рубин официјално е заштитен како национален полускапоцен камен, со што државата за првпат добива официјално заштитен минерален симбол од ваков вид.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска соопшти дека е заокружен процесот на институционална заштита на македонскиот рубин, минерал кој претставува непроценлив дел од природното, геолошкото и културното наследство на Македонија.

„Го заштитивме македонскиот рубин. Денес државата добива нешто автентично македонско, официјално признаено и заштитено. Му благодарам на Геолошкиот завод за посветената работа и соработката во целиот процес. Ова е само почеток – продолжуваме со заштита и на други уникатни минерални богатства, меѓу кои и одредени видови македонски мермер“, изјави министерката Божиновска.

Со оваа одлука, македонскиот рубин добива статус на заштитено национално минерално наследство, а Република Македонија го добива својот прв официјално заштитен минерален симбол – уште едно обележје на националниот идентитет и природното богатство на државата.

Македонскиот рубин претставува геолошки и естетски уникат. Станува збор за корунд со препознатлива малиново-розева боја, создадена поради присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата посебност лежи и во фактот што се среќава исклучиво во околината на Прилеп и планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално.

Покрај својата исклучителна минералошка, естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин е дел од културното и историското наследство на земјата и претставува симбол на природната убавина, автентичноста и националната гордост.

Процесот за негова заштита започна во септември 2025 година, а со донесеното решение успешно е заокружена постапката за негово официјално признавање и институционална заштита.