Општина Охрид ќе биде дел од 21. Македонско културно лето во Пустец, Република Албанија

Општина Охрид ќе земе учество на годинашното издание на „Македонско културно лето“, кое ќе се одржи од 1 до 5 јули во Пустец, Република Албанија.
Охрид пред посетителите ќе се претстави преку богатството на својата фолклорна традиција, обичаи и културно наследство.
Во рамки на програмата ќе биде прикажан краткометражниот филм „Приказна за една охридска свадба“, изработен од учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, инспириран од богатата свадбена традиција на охридскиот крај.
Предвидена е и промоција на книгата „Охридски фолклористи“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, издание на Општина Охрид, која претставува значаен придонес во зачувувањето и афирмацијата на македонското фолклорно наследство.
Посебен сегмент од претставувањето ќе биде и ревијата на народни носии „Од Љубаништа до Дебој“, од колекцијата на колекционерот Љупчо Милошески, преку која посетителите ќе имаат можност да ја запознаат разновидноста и убавината на традиционалната облека од охридскиот регион.
Со ова претставување, Општина Охрид уште еднаш ја потврдува својата заложба за зачувување, промоција и афирмација на македонската култура, традиција и идентитет надвор од границите на државата.




