„Слушни го езерото” во пресрет на 21 Јуни – Денот на Охридско Езеро

Во пресрет на 21 Јуни – Денот на Охридско Езеро, НУ Библиотека Григор Прличев по третпат ја организираше манифестацијата „Слушни го езерото”. Целта е преку поезија, музика и уметност да се испрати порака за значењето и заштитата на едно од најстарите и највредни природни богатства во Европа.
На платото пред библиотеката настапија поети од Охрид, Струга и Поградец, а дел од програмата беше и мини изложба на ученички трудови, како и музички настап на учесници од фестивалот „Распеано рибарче”.

„Во пресрет на 26-годишнината од востановувањето на празникот на нашето езеро, трите крајезерски градови – Охрид, Струга и Поградец, традиционално го одбележуваат со богата културно-уметничка програма. Целта е да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото, и од македонската и од албанската страна, но и да се потсети дека туризмот е директно поврзан со ендемизмот и еколошките услови што ги нуди регионот.” – вели директорката Христина Трпеска.
Покрај културната димензија, од научната фела уште еднаш беше упатен апел за итна и конкретна заштита на езерскиот екосистем, кој со години се соочува со сериозни закани.

„Кога зборуваме за значењето на Охридското Езеро, најнапред мислиме на неговата непроценлива вредност како извор на питка вода и природно богатство. Но неговото значење е многу подлабоко, бидејќи езерото претставува и вистински научен благослов, со огромно значење за истражувачката заедница. Охридското Езеро има огромно значење, и за луѓето, и за природата, и за науката. Освен што е извор на питка вода и обезбедува егзистенција за многу семејства, тоа претставува и редок екосистем со богат ендемичен свет, по кој е препознатливо во светски рамки.” – вели д-р Орхидеја Тасевска, директорка на ЈНУ Хидробиолошки завод.

Охридското Езеро не е значајно само како природна реткост и туристички ресурс, туку и како светско жариште на биодиверзитет, со стотици ендемични видови што живеат единствено во неговите води. Денот на Охридското Езеро и годинава носи силна порака – заштитата на ова уникатно природно наследство мора да биде заедничка одговорност на институциите, науката и граѓаните.
Соња Рилковска




