Соларен саем во Охрид: Граѓаните ќе се информираат за придобивките од сончевата енергија

„Соларен саем Охрид“ ќе се одржи денеска од 17:30 до 20:30 часот на Градскиот плоштад во Охрид, во организација на Центарот за климатски промени.
Настанот има за цел да ја доближи темата за користење на сончевата енергија и обновливите извори на енергија до граѓаните преку информативни и интерактивни активности.
Посетителите ќе имаат можност да се информираат за придобивките од користењето на соларната енергија, можностите за поставување фотонапонски системи во домаќинствата, како и за пошироките чекори кон енергетската транзиција. Посебен акцент ќе биде ставен на концептот „просумер“ – граѓанин кој произведува и троши сопствена електрична енергија.
Во рамки на саемот ќе бидат поставени штандови на различни организации и компании, каде граѓаните ќе можат директно да добијат информации за технички решенија, понуди и практични аспекти поврзани со инсталирање соларни системи.
Предвидени се и интерактивни активности и демонстрации поврзани со користењето на сончевата енергија, меѓу кои симулации на производство и потрошувачка на електрична енергија. За најмладите посетители ќе бидат организирани едукативни работилници, преку кои на забавен начин ќе се запознаат со концептот на обновливите извори на енергија.
Организаторите посочуваат дека настанот е дел од пошироките напори за подигнување на јавната свест за одржливи енергетски решенија и за поттикнување на енергетската транзиција.
Соларниот саем се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, кој се спроведува како дел од програмата „Финансирање на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координирана од CAN Europe и кофинансирана од Европската Унија.
Во текот на годината вакви соларни саеми ќе бидат организирани и во Кичево, Битола и Прилеп, со цел дополнително да се доближат можностите за користење обновливи извори на енергија до пошироката јавност и да се поттикне активно учество на граѓаните во енергетската транзиција.




