Започна да функционира новата редовна авиолинија Виена – Охрид

Со првиот лет на Austrian Airlines од Виена , Охрид вчера доби директна воздушна врска со австриската престолнина. Иако авиорелацијата постоела и во минатото преку нискобуџетни компании, нејзиното обновување има посебно значење бидејќи за првпат се воспоставува со националниот австриски авиопревозник.


Со првиот лет пристигнаа околу 150 патници, а до крајот на летото се очекуваат приближно 5.000 туристи од Австрија.
„Преку новата авиолинија Виена – Охрид – Виена отвораме уште една порта кон Европа и создаваме нови можности за директна поврзаност меѓу нашиот регион и еден од најважните економски, културни и туристички центри на континентот. Виена е град од исклучително значење за деловни патувања, туризам и за македонската дијаспора. Оваа нова авиолинија ќе им обезбеди на патниците побрз, полесен и поудобен пристап до Охрид, а воедно ќе придонесе и за поголема видливост на нашата дестинација на меѓународниот пазар”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Новата авиоконекција ќе ја подобри поврзаноста на охридскиот регион со австрискиот пазар, ќе го олесни пристапот на дијаспората и ќе овозможи полесно поврзување со други европски дестинации.

„Северна Македонија има огромен туристички потенцијал кој сè уште чека да биде целосно разоткриен. Воодушевувачката убавина на Охридското Езеро, разновидниот пејзаж, природните паркови, гостопримливоста на населението и богатото културно наследство заслужуваат многу поголемо меѓународно внимание”, изјави Матијас Хуменбергер, заменик-шеф на мисијата на Австриската амбасада.
Линијата Охрид – Виена ќе оперира двапати неделно, а од охридскиот аеродром ова лето се патува до 17 дестинации.
Новинар: Соња Рилковска




