Расте интересот за охридските културни знаменитости

Самуиловата тврдина, Заливот на Коските, Галеријата на икони и куќата Робевци и оваа туристичка сезона се меѓу најпосетуваните културно-историски локалитети во Охрид.
Од Завод и музеј велат дека бројот на посетители постојано расте и очекувањата се годинава да бидат надминати резултатите од рекордната 2019 година.
„Веќе имаме огромни бројки, се надевам дека ќе ја надминеме 2019 година кога бележевме рекорд во бројот на посети. Јуни е преполн, задоволни сме. Најмногу посети имаат Самуиловата тврдина и Заливот на Коските, потоа Галеријата на икони и куќата Робевци.” – вели директорот на НУ Завод и Музеј , Горан Патчев.

Зголемениот број туристи носи и поголема одговорност за зачувување на културното наследство. Охридскиот регион, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО, бара постојана грижа и координиран пристап во заштитата на вредностите по кои е препознатлив во светот.
„Самата установа е стожер на заштитата на културното и историското наследство на Охрид и охридскиот регион. Но, согласно интегрираната заштита, тука своја улога треба да имаат и локалната самоуправа, и централната власт, и невладините организации, како и самите граѓани.”-вели Патчев.
Во насока на подобрување на состојбите, во наредниот период се планирани активности на повеќе значајни локалитети, меѓу кои и Самуиловата тврдина и комплексот Манчевци.
Инаку, годинава Националната установа Завод и музеј – Охрид одбележува значаен јубилеј – 75 години од своето постоење.
Соња Рилкоска




