Надлежните бараат решенија за неправилното депонирање отпад и создавањето диви депонии

Како да се стави крај на неправилното одлагање отпад и создавањето диви депонии беше главна тема на работниот состанок што денес го одржаа претставници на ЈП „Охридски Комуналец“, комуналните инспектори, инспекторот за домување при Општина Охрид и управителите на станбени згради.

На состанокот биле разгледани актуелните проблеми со одлагањето отпад надвор од предвидените места, како и можностите за подобра координација меѓу институциите, управителите и граѓаните.
Од „Охридски Комуналец“ посочуваат дека за одржување на чиста животна средина потребна е поголема јавна свест и одговорно однесување при депонирањето на отпадот. Истовремено, најавуваат продолжување на соработката со Општина Охрид и преземање конкретни мерки за подобро управување со отпадот и спречување на појавата на диви депонии во градот.




